Руд му се реваншираше на Циципас во финалето на АТП Барселона

Норвешкиот тенисер Каспер Руд е победник на земјениот АТП 500 турнир во Барселона, oткако во финалето го победи Гркот Стефанос Циципас со 7-5, 6-3.

Втора недела по ред овие двајца тенисери, инаку шести и седми на АТП-листата, играа во финале. Пред седум дена Циципас победи со 6-1, 6-4 во Монте Карло, но сега Руд возврати во финалниот меч на Барселона.

Циципас порешително го отвори финалето и поведе со 2-0 со брејк, а потоа и со 3-1. Сепак, Руд беше подобар на теренот до крајот. Во првиот сет Норвежанецот врати брејк негатива, а потоа при 6-5 вторпат му го одзеде воведниот удар на противникот за да го добие првиот сет.

Во вториот Руд набрзина освои нов брејк а потоа суверено ја чуваше предноста до крајот.

Руд годинава го одигра четвртиот финален натпревар во Барселона, но првпат славеше. Ова беше негова прва АТП победа по славјето во Есторил минатата година, односно вкупно единаесетта.