Руд преку Руне во полуфиналето на Ролан Гарос

Последниот полуфиналист на годинешното издание на Роланд Гарос е 24-годишниот норвешки тенисер Каспер Руд кој во четвртфиналето го совлада Данецот Холгер Руне со 6-1, 6-2, 3-6, 6-3.

Со тоа четвртиот носител Руд се приближи уште еден чекор до повторување на резултат од минатата година кога на парискиот Грен Слем турнир играше во финалето и беше поразен од Рафаел Надал. До финалето го чека уште мечот со Германецот Александар Зверев кој во четвртфиналето го победи Аргентинецот Томасо Ечеверија со 6-4, 3-6, 6-3, 6-4.

Од самиот почетокот на дуелот Руне беше сосема инфериорен против Руд, а можеби на младиот 20-годишен Данец влијаеше и осминафиналниот меч. И тогаш изгледаше исцрпен, но сепак во тешките пет сетови го совлада Аргентинецот Франциско Серундоло.

Овојпат Руне немаше никакви шанси во првите два сета во кои освои само три гема. Но потоа играта беше сосема израмнета, а Руне дојде до воздух во третиот сет кој го освои со 6-3 и со тоа го продолжи мечот.

Во четвртиот сет Руд од 1-1 му побегна на ривалот на 4-1 и до крајот не ја испушти големата предност. Ова беше шеста меѓусебна пресметка меѓу Руд и Руне и веќе петтата победа на норвешкиот тенисер.

Ден претходно меѓусебен полуфинален меч обезбедија првиот и третиот носител, Шпанецот Карлос Алкараз и Србинот Новак Ѓоковиќ. Полуфиналните дуело се играат во петок.