Намерата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја искористи платформата Нормандиска четворка за да разговара за ситуацијата на Крим е далеку од реалноста, изјави денеска за ТАСС рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко.
– Платформата Нормандиска четворка е креирана за решавање на конфликтот во југоисточна Украина, рече Руденко, додавајќи дека не била наменета за решавање други прашања. Тој оцени дека намерите на Зеленски се спротивни на реалноста која постои пет години од воспоставувањето на Нормандиската четворка.
Претходно, Зеленски на прес-конференција рече дека планира да го покрене прашањето за Крим на средбата на Нормандиската четворка, бидејќи не смета оти која и да е друга платформа е соодветна за дискусија за тоа прашање.
Нормандиска четворка беше формирана со цел решавање на конфликтот во Украина, а во неа се Русија, Франција, Германија и Украина.