Русија ја демантира наводната намера за ревидирање на границата во Балтичкото Море

Русија нема никава намера да ја ревидира својата поморска граница во Балтичкото Море, како и ексклузивната економска зона или континенталниот гребен, објавија руските новински агенции во средата повикувајќи се на воено-дипломатски извор.

Министерството објасни дека има намера да го поништи списокот на координантните точки што ја одредуваа позицијата на основните линии за мерење на ширината на територијалните води, економската зона и континенталниот гребен во близина на брегот на копното и островите на Арктичкиот Океан, Балтикот и Црното Море. Тие посочија дека сега директните базни линии на Русија во Финскиот залив немаат продолжение и не се затвораат на територијата на земјата, што, пак, не дозволува одредување на надворешната граница на нејзините внатрешни поморски води.

Коментирајќи ја ситуацијата, финското Министерство за надворешни работи изјави дека „ги разработуваат деталите“. Тие изразија надеж дека Русија, како страна на Конвенцијата на ОН за поморското право, ќе постапи во согласност со овој документ.

Демантите, кои ги објавија државните новински агенции ТАСС и РИА, дојдоа по ракциите на објавувањето на нацрт-закон на руското Министерство за одбрана, со кој се предлага преиспитувањето на начинот на одредување на руските поморски гранични координати во споменатите води.

Според нацртот датиран со 21-ви мај, министерството предложило промена на границата околу руските острови во источниот дел на Финскиот залив и околу Калининград, напиша претходно Reuters.

„Преминувањето на државната граница на Руската Федерација на море ќе се промени“, стои во написот на Reuters кој вели дека е резиме на„ предлог-одлуката“. Притоа во написот се додава дека доколку биде одобрена, одлуката ќе стапи на сила во јануари 2025 година, според предлог-нацртот.

Министерството за одбрана појасни дека за промената на начинот е наведено тоа што претходните советски мерења на границата од 1985 година користеле наутички карти од средината на XX век и затоа не соодветствувале целосно на посовремените картографски координати.