Русија ја нападна Украина со дронови и над 120 проектили, експлозии се слушаа во Киев, Харков, Одеса и Житомир

Предупредување за воздушен напад е издадено ширум Украина, бидејќи нов бран руски удари врз неколку големи градови. Претседателскиот советник Олексеј Арестович напиша на социјалните мрежи дека повеќе од 100 проектили биле лансирани кон украинските градови во „неколку бранови“, јавува Би-Би-Си.

Арестович ги повика цивилите да бараат засолниште и рече дека воздушната одбрана на земјата работи.

Најмалку две експлозии се слушнале во главниот град Киев, но не е јасно дали тие биле предизвикани од ракетни напади или од воздушната одбрана. Луѓето во градот се кријат во метрото.

Експлозии се слушнале и во градовите Харков, Одеса и Житомир. Регионалниот лидер на Одеса, Максим Марченко, изјавил дека ова е масовен ракетен напад врз Украина.

Во последниве недели десетици руски напади ја погодија Украина, предизвикувајќи повторени прекини на струја низ целата земја. Последните напади веќе предизвикаа прекин на електричната енергија во Одеса и во Дњепропетровск.

Александр Вилкул, шеф на Воената управа во централниот град Кривји Рих, рече дека ракетите биле лансирани од руски „бродови и авиони од Црното Море“.

Тој додаде дека струјата во градот е исклучена како „претпазливост“.

„(Овие мерки) се воведени поради заканата од ракетни напади, со цел да се избегнат значителни штети доколку непријателот успее да ги погоди енергетските капацитети“, напиша снабдувачот на енергија ДТЕК.

Претходно, јужната команда на Украина издаде предупредување дека руските сили се подготвуваат да лансираат до 20 проектили од позиции во Црното Море.

Москва во неколку наврати негираше дека цели на цивили во нејзините ракетни напади. Сепак, претседателот Владимир Путин неодамна призна дека руските војници ги гаѓаат критичните енергетски постројки на Украина.

Признанието на Путин уследи по наводите од некои меѓународни лидери, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, дека гаѓањето на енергетските објекти може да биде воено злосторство.