Во петокот Русија ја обвини Украина за обид за напад на нуклеарната централа Курск во вторникот вечерта, нарекувајќи го чинот „нуклеарен тероризам“, пренесува Reuters, додавајќи дека шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси ќе ја посети нуклеарната централа следната седмица.
Нуклеарната централа се наоѓа во областа Курск во западна Русија и се состои од четири советски реактори RBMK-1000, од кои два се во функција. Изградбата на два нови реактори започна во 2018 година.
На 6 август Украина ја проби руската граница во областа Курск во обид да ја принуди Москва да ги пренасочи своите трупи од други фронтови, иако руските сили продолжија да напредуваат во источна Украина во последните денови.
Оттогаш на 30 километри од нуклеарната централа се водат жестоки борби. Руските сили се обидуваат да ги истиснат украинските војници од нивната територија, кои се обидуваат да ја консолидираат ситуацијата на теренот и да ја прошират заземената територија.
Според последните информации што ги пренесе ТАСС, во близина на складиштето за потрошено нуклеарно гориво било соборено беспилотно летало, по што портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјавила дека станува збор за „чин на нуклеарен тероризам“ кој бара итен одговор од агенцијата на Обединетите нации за атомска енергија.
Гроси, пак, уште еднаш како и во претходните случаи без конкретно да каже од каде доаѓа заканата, повика на максимална воздржаност за да се избегне нуклеарен инцидент.
Руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росенергоатом“ соопшти дека единицата 4 на централата ќе биде офлајн во недела за „планирано превентивно одржување“ 59 дена. Станува збор за модернизација и продолжување на работниот век на опремата.