Русија ја обвини украинската воздушна одбрана за оштетувањата на повеќе амбасади во Киев

Како резултат на ракетниот напад врз Киев од страна на Русија на 20 декември, беа оштетени просториите на дипломатските претставништва на шест земји: Албанија, Аргентина, Палестина, С Македонија, Португалија и Црна Гора. Нема жртви меѓу претставниците на амбасадите.

Руската страна ги отфрла обвинувањата на засегнатите министерства за надворешни работи за кршење на меѓународното право при нападот на Киев на 20 декември, изјави рускиот амбасадор во Аргентина Дмитриј Феоктистов.

„Целосно ја исклучуваме можноста амбасадите или други цивилни структури во главниот град на Украина да бидат цел на руски напад на 20 декември оваа година. „Повторно ве потсетуваме дека нашите вооружени сили пукаат само со оружје со висока прецизност кон цели од воено значење“, рече Феоктистов.

Тој додаде дека, според руското Министерство за одбрана, оштетувањето на зградата во која се наоѓаат повеќе амбасади, меѓу која и македонската, „е резултат на непрофесионалната работа на украинските единици за воздушна одбрана кои се обидуваат да го одбијат нападот на руските воздушни сили“.

Македонското министерство за надворешни работи  му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин, поради нанесената материјална штета на амбасадата  во Киев.

Претходно, МНР информираше дека при нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.

Рускиот ракетен напад врз зградата во Киев, во која се сместени шест странски дипломатски претставништва го осуди и Европската комисија.