Русија ја оцени продажбата на гас во Европа како „комплицирана“

Во понеделникот, по разговорите меѓу претседателот Владимир Путин и словачкиот премиер Роберт Фицо, Русија објави дека ситуацијата со европските земји кои го купуваат нејзиниот гас со договорите за транзит преку Украина е многу комплицирана и бара поголемо внимание.

Украина најави дека нема да го обнови петгодишниот договор за транзит на руски гас во Европа, кој истекува на крајот на годината, бидејќи на овој начин не сака да им помогне на руските воени цели.

Гасоводот низ Украина, кој датира уште од советската ера, сочинува околу половина од вкупниот моментален извоз на руски гас во Европа, која и изминатите две децении се соочуваше со ткн „гасни војни“ кога Киев бараше уште поголеми повластици за транзитот а Москва ја обвинуваше Украина дека ги поткраднува количествата од енергенсот испорачувани преку оваа мрежа во Европа. Тоа беше и една од причините за изградната на руско-германските гасоводи Северен тек кои по ланската диверзија не се во функција.

Словачка, Италија, Австрија и Чешка би биле најпогодени од раскинувањето на договорот за транзит. Русија, исто така, до централните европски земји извезува гас и преку гасоводот Турски тек.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот на редовниот брифинг со новинарите рече дека не може да даде повеќе детали за неделните разговори меѓу Путин и Фицо, кои исто така се осврнаа на билатералните односи и војната во Украина.

Фицо во неделата рече дека Путин ја потврдил подготвеноста на Русија да продолжи да испорачува гас за Словачка, иако словачкиот лидер рече дека тоа е „практично невозможно“ по истекот на договорот за транзит на гас меѓу Русија и Украина. Не е јасно за кое потенцијално решение разговарале двајцата лидери.

И Унгарија сака да ја задржи украинската рута, иако ќе продолжи да увезува руски гас од јужниот правец, преку гасоводот Турски тек.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата седмица изјави дека е можно обновување на договорот за транзит, но само под услов на Русија да не ѝ се плаќа гас додека не заврши војната, услов што Москва разбирливо најверојатно нема да го прифати.

„Ја слушнавте изјавата на украинската страна и ги знаете ставовите на оние европски земји кои продолжуваат да купуваат руски гас и тоа го сметаат за неопходно за нормално функционирање на нивните економии. Оттаму, ова е многу комплицирана ситуација која бара повеќе внимание“, рече Песков.

Путин минатата седмица изјави дека е јасно дека нема да има нов договор со Киев за испоаки на рускиот гас преку Украина во Европа.