Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се одобрува продажба на средства во Русија на италијанската банка Интеси Санпаоло, се вели во документот објавен во петокот на веб-страницата на руската влада, објави СЕЕбиз. Москва дозволува трансакции кои ќе доведат до директна или индиректна продажба на 100 отсто од акциите на Интеса, според декретот од 28 септември.
Одлуката беше донесена врз основа на декрет од август 2022 година со кој на претседателот Путин му се даде овластување да издава посебни исклучоци за одредени зделки кои вклучуваат енергетски и финансиски средства. Интеса не беше веднаш достапна за коментар за информациите за издавањето на дозволата. Италијанската банка обезбедува услуги на корпоративни клиенти во Русија, каде на почетокот на конфликтот во Украина имаше околу 980 вработени во 28 филијали.
По избувнувањето на конфликтот, беше запрено новото финансирање на руски клиенти и нови инвестиции во руски средства. Русија континуирано ги заострува условите за заминување на странски компании, а деловните лидери забележуваат дека им било потешко да се движат по новите регулативи. Интеса се обидува да ги прекине врските со рускиот бизнис од минатата година, но потенцијалните купувачи се одвратени од западните санкции кон Москва, што ги попречува обидите на европските банки, вклучувајќи ги италијанската УниКредит и австриската Рајфајзен Банк Интернешнл, да ги продадат средствата.