Русија ја повлекува ратификацијата на договорот за забрана на нуклеарните проби

Русија работи на предлогот за повелкување на ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните проби (CTBT) поради неодговорниот став на САД кон глобалната безбедност, рече во вторникот претседателот на долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин на состанокот со шефовите на парлементарните групи во Думата.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно месецов предложи Русија да го отповика ратификувањето на договорот од 1996 година бидејќи САД никогаш не го ратификуваа, рече дека не може ниту да ја потврди, ниту да ја отфрли можноста од продолжување на нуклеарните тестирања во Русија. Тоа го поврза со можноста САД да изведат нуклеарно тестирање.

Русија има мораториумот за нуклеарни тестови воведен со декретот на рускиот претседател уште во 1992 година.

„Поради безбедноста на нашата земја, ја повлекуваме ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните проби“, изјави Володин пред распоравата и гласањето во парламентот за отповикување на ратификацијата.

Володин потсети дека Русија го ратификувале договорот во 2000 година, додека Вашингтон не го ратификувал поради својот „неодговорен став кон глобалните безбедносни прашања“.

„Руската Федерација ќе стори сѐ за да ги заштити своите граѓани и за да ја одржи глобалната стратешка еднаквост“, додаде Володин.

Русија ја повлекува ратификацијата, но всушност ќе остане потписничка на договорот и ќе продолжи да соработува со копотписниците и со глобалниот систем за следење кој го предупредува светот на секое нуклеарно тестирање.

Светот стравува дека во заднината на актуелните воени жаришта и тензии обновувањето на нуклеарните проби на САД, Русија или Кина, може да значи почетокот на новата трка во нуклеарното вооружување меѓу големите сили. Особено откако САД изминатите години се повлекоа од нуклеарните договори со Русија обвинувајќи ја дека таа не ги почитува.

Војната во Украина, и разместувањето на руските тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, првпат во историјата надвор од Русија и по распадот на СССР во 1991 година, ги подигна тензиите меѓу Москва и Вашингтон, кој има со децении нуклеарни ракети распоредени во Европа, на највисокот ниво од Кубанската ракетна криза од 1960-те, токму во моментите кога САД се обидуваат да го запрат настојувањето на Кина да го зајакне својот нукеларен потенцијал кој квантитативно далеку заостанува зад другите две нуклеарни суперсили, статус кон кој се стреми и Пекинг.

За многу научници и активисти, масивните тестирања на нуклеарните бомби во текот на Студената војна укажувале на налудничавоста од нуклеарен напад кој досега во историјата го имаа изведено само САД врз Јапонија во 1945-та, што би можел да го уништо човештвото и да ја контаминира планетата стотици илјади години.