Русија ја предупреди Европа дека ќе плаќа поскап гас доколку Украина не го продолжи договорот за транзит

Во случај Украина да не се согласи да го продолжи договорот за транзит на рускиот гас преку нејзина територија по истекот на сегашниот на 31 декември, европските потрошувачи ќе го почувствуваат тоа во форма на повисоки цени, предупреди во средата Русија.

Украина повтори дека не планира да потпише нов договор за транзит на гас со Русија поради тековниот воен конфликт. Сепак, ваквиот потег на Киев, во прв ред се чини дека е насочен кон соседните Унгарија и Словачка, членки на ЕУ и НАТО кои одбиваат воено да ја помагаат украинската војска во борбата против руската а кои се првите приматели на рускиот гас во блокот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од друга страна, рече дека доколку Киев не го продолжи договорот, Русија би можела да најде алтернативни рути, како што е планираниот турски гасен јазол.

„Има и други рути, но секако дека таквите одлуки од украинската страна ќе нанесат сериозна штета на интересите на европските потрошувачи, оние кои и натаму сакаат да купат погарантирано и ценовно попристапниот руски гас“, посочи Песков.

Тој, исто така, рече дека Европа ќе мора да плати повеќе за гас од другите добавувачи, вклучително и течен природен гас (LNG) којшто доаѓа од САД и е повеќекратно поскап, а покрај тоа на континентот сѐ уште нема доволно развиена инфраструктура за неговото прифаќање и складирање.

Повеќето корисници на руски гас, кој минува низ транзитната рута низ Украина, најавија дека се подготвуваат да го прекинат протокот на крајот на оваа година кога истекува транзитниот договор меѓу Украина и Русија, со оглед на тоа што Украина најави дека не сака да го обнови. Друга опција е рускиот „Газпр“ да испорача дел од гасот преку друга рута, на пример преку гасоводот Турски тек, Бугарија, Србија или Унгарија. Сепак, капацитетот на овие рути е ограничен.

ЕУ и Украина, исто така, побараа од Азербејџан да организира разговори поврзани со договорот за транзит на гас од Русија кон Европа.

Украина, којашто изминатите две децении водеше со Русија неколку ткн „гасни војни“ под обвинувања дека ги поткрадува испораките на гасот за потрошувачите во Европа, уште кон крајот на мај 2022 година го блокираше транзитот на рускиот гас преку една од двете контролни точки во Сограновка, па „Газпром“ во Европа го испорачува преку другата преостаната транзитна точка во Суџа, град во руската похгранична област Курск, за кој Киев тврди дека го контролира откако нејзините сили упаднаа на почетокот од август.