Русија ја пренасочува трговијата и нафтата во БРИКС

Рускиот претседател Владимир Путин во средата изјави дека земјата ги пренасочува трговијата и извозот на нафта кон земјите од организацијата БРИКС, за кои рече дека се „сигурни“ партнери и притоа го критикуваше Западот поради неговите санкции наметнати против Москва осум години поради конфликтот и војната во Украина.

Групата, која првично беше наречена БРИК, е основана во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, пред Јужна Африка да се приклучи во 2010 година, додавајќи го С во акронимот. Групата од шест држави претставува повеќе од 40 отсто од светското население. Во согласност со напорите за зајакнување на трговијата членките работат на интеграција на платните системи, зголемување на плаќањата во национални валути, како и воспоставување независен канал за размена на информации. Пред две години беше објавено дека државите на БРИКС се подготвени да создадат нов систем за заедничко плаќање наречен BRICS Pay, кој ќе биде сличен на постојните услуги на Apple Pay и Samsung Pay.

Путин во виртуелното обраќање на Форумот на БРИКС ги критикуваше антируските санкции без преседан во историјата со коишто Западот сака да ја уништи руската економија под изговор за војната во Украина.

„Деловните луѓе од нашите земји мора да развиваат активности во тешки услови, бидејќи нашите западни партнери не ги почитуваат основните начела на пазарната економија, слободната трговија. Новите санкции се воведени од политички мотиви и им противречат на здравиот разум и на елементарната економска логика“, рече Путин во обраќањето.

Додаде дека Русија „активно ги пренасочува своите трговски врски и надворешни економски контакти кон меѓународните партнери кои се доверливи, во прв ред кон земјите од БРИКС“.

Извести дека во моментов се преговара за отворање синџир на индиски продавници во Русија и зголемување на уделот на кинеските автомобили на рускиот пазар.

„Испораките на руската нафта за Кина и Индија растат. Соработката во земјоделството се развива динамично“, рече Путин и додаде дека расте и извозот на руските ѓубрива во земјите на БРИКС:

Според податоците од Кинеската општа царинска управа од почетокот на седмицата, увозот на сирова нафта во Кина од Русија се зголемил досега годинава за 55 отсто во однос од истиот период минатата година, а во мај Русија ја истиснала Саудиска Арабија и станала главен кинески добавувач, а рафинериите оствариле добивки на намалените цени на залихите.

Русија сака со партнерите од БРИКС да развие „алтернативни механизми за меѓународните трансфери на пари и резерва меѓународна валута“ со што ќе се намали зависноста од американскиот долар и од еврото, прецизираше Путин.

„Рускиот финансиски комуникациски систем е отворен за поврзување со банките во БРИКС. Рускиот платен систем МИР ја шири својата присутност. Ја истражувам можноста за создавање меѓународна резервна валута којашто ќе се темели на валутите на земјите од БРИКС“, рече Путин.