Русија ја прикажа макетата на идната вселенска станица

Руската ракетно-вселенска корпорација „Енергија“, која е дел од државниот концерн „Роскосмос“ првпат во понеделникот ги претстави моделот на идната самостојна руска орбитална станица во рамките на московскиот форум и саем „Армија-2022“.

Макетата ја прикажува станицата веднаш по градењето на втората фаза. Taa претпоставува не само изградба на основните, научните и енергетските, јазните и порталните модули, туку и специјалните, производствените модули, како и сервисната платформа. Макетата го прикажува и вселенското летало „Орел“ на чијшто развој сѐ уште се работи.

Претходно во јули, шефот на „Роскосмос“, Јурис Борисов, на средбата со рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека по одлуката за повлекување на Русија од меѓународниот проект Меѓународна вселенска станица (ISS) по 2024 година, ќе бидат исполнети сите обврски кон партнерите. Притоа истакна дека по руското повлекување од станицата, Русија ќе започне со градење на Руската орбитална станица (РОС).

Неизвесна е судбината на Меѓународната вселенска станица која во орбитата е подолго од две децении. Овој проект треба да заврши во 2024 година, а Русија претходно објави дека излегува од проектот во 2025 година. Русија ги продлабочува врските со Кина во Вселената откако САД со наметнувањето на стотици санкции со кои се опфатени и руските технолошки и вселенски програми се обидуваат да добијат примат во оваа сфера. Така Москва одби да учествува во американската програма „Artemis“ за истражувања на Месечината и одлучи да му се приклучи на Пекинг во истражувањата на природниот сателит на Земјата следните години.

Русија може да го продолжи своето учество во работата на Меѓународната вселенска станица (ISS) и по 2025 година, доколку од руските компании во оваа област бидат симнати доглогодишните американски санкции, рече уште во јуни минатата 2021 година Дмитриј Рогозин, тогашен челник на руската вселенска агенција Роскосмос. Рогозин тогаш повтори дека доколку САД не ги повлечат санкциите насочени кон научно-истржувачки сектор, Русија исклучиво ќе се потпре на својата свеленска станица за којашто веќе ги започна подготовките.

Ставена во функцина во 1998 година, Меѓународната вселенска станица е еден од најамбициозните проекти на соработка на човештвото во историјата. Во неа учествуваат Русија, САД, Канада, Јапонија и Европската вселенска агенција (ESA). Претходно од 1986 до 2001 година во функција беше советско-руската станица „Мир“ (Свет), чиј предвиден животен век беше за 10 до 15 години.

Руската вселенска агенција Роскосмос уште во апрол минатата 2021 година објави дека започнува со спроведување на планот за првиот основен модул за новата руска орбитална станица преку ракетно-вселенската корпорациа (РКК) „Енергија“, во настојувањата Русија да ја воспостави својата станица до 2025 година, бидејќи сака да се повлече од Меѓународната вселенска станица. Повтори и дека Русија веќе започна со градењето на првиот сегмент од вселенската орбитална станица, како и дека „Енергија“ ќе го подготви лансирањето во рок од четири години.