Русија ја укина лиценцата на водечкиот независен весник – Нова Газета

Судот во Москва денеска ја потврди одлуката на властите за одземање на лиценцата на водечкиот независен весник Нова Газета, критичар на Кремљ. Одлуката против најпознатиот руски независен весник доаѓа додека Кремљ се обидува да ги замолчи критичарите на „специјалната воена операција“, како што властите ја нарекуваат руската агресија врз Украина.

Дмитриј Муратов, главниот уредник на весникот, добитник на Нобеловата награда за мир, денешната одлука ја нарече „политичка“ и „без трошка правна основа“ и вети дека ќе ја оспори.

Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор побара од судот да ја одземе лиценцата на весникот Нова Газета, обвинувајќи го дека не го доставил својот статут навреме до властите.

Нова Газета не се објавува со месеци бидејќи на 28 март објави дека ја прекинува работата за време на, како што ја нарече под навод, „специјалната операција“ во Украина, бидејќи руските власти им наредуваат на медиумите така да ја наречат воената акција во Украина.

Редакцијата започна нов проект на Нова Газета Европа, критикувајќи ја операцијата врз Украина од странство.

Неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, рускиот парламент одобри закон со кој се забранува наводно омаловажување на руската војска или ширење „лажни информации“ за воената акција во Украина. Десетици руски независни медиуми се забранети, додека други најавија дека го прекинуваат секое известување за Украина.