Русија објави дека ја засилила својата воена база во Таџикистан со противтенковски системи, а во вторникот претседателот Владимир Путин предупреди дека „хаосот“ кој го предизвика Западот со повлекувањето од Авганистан предизвикува опасност за соседните земји.
Како што објави руската армија, базата добила неколку противтенковски системи од типот „Корнет“.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу најави проширување на најголемата руска база во странство пред еден месец кога американскиот претседател Џо Бајден дефинитивно го потврди конечниот рок за повлекување на странските трупи од Авганистан. Руските сили на почетокот од август учествуваа во зедничката воена вежба со таџикистанските и силите на другите централноазиски земји кои граничат со Авганистан.
Претседателот Путин по објавувањето за зајакнувањето на базата во Таџикистан, го обвини Западот дека повлекувајќи се од Авганистан зад себе остава хаос и ги доведува во голема опасност другите земји.
„Се заканува опасноста дека терористите и разни групи кои пронашле засолниште во Авганистан ќе го искористат хаосот кој зад себе го оставија нашите западни партнери“, рече Путин додавајќи дека тие групации би можеле да предизвикаат ескалација и во соседните земји.
„Тоа претставува директна закана за нашите сојузници и за нашата земја“, рече рускиот претседател, алидирајќио на земјите од соседството на Авганистан, како што се поранешните советски републики Таџикистан и Узбекистан.
Криумчарењето дроги илегалните миграции би можеле да се засилат, појасни Путин во говорот на предизборен собир на партијата Единствена (Обединета) Русија, за изборите на 19-ти септември.
„Сето тоа за нас претставува закани и тие апсолутно се реални“, истакна рускиот претседател.
Вети и дека нема да дозволи Русија повторно да биде вовлечена во воен судир.
„Совескиот сојуз го искуси тоа што значи да се задржи во таа земја долго време и ние од тоа искуство ги извлековме неопходните заклучоци“, рече Путин.
Советскиот сојуз во 1979 година изведе инвазија врз Авганистан во поддршка на тогашната комунистичка партија во оваа земја, а војната траеше до 1989 година со големи советски загуби. Тогаш талибаните и Ал Каеда, кои се бореа против советската армија, беа поддржувани и вооружувани од САД и западните сојузници.
Рускиот министер за одбрана Шојгу, пак, истакна дека талибаните по преземањето на контролата над Авганистан дошле до „големи количества“ модерно оружје на НАТО, што го признаваат и на Запад, појаснувајќи дека станува збор за стотици оклопни возила, авиони и хеликоптери.
Изрази и загриженост и поради криумчањето дроги, потсетувајќи на меѓународните податоци дека 93 отсто од хероинот кој циркулира во светот потекнува од Авганистан.
Русија се надеваше дека САД и нивните сојузници ќе воспостават контрола над овој проблем изминатите две децении, но бројот на плантажите со афион трикратно е зголемен, рече Шојгу.