Доколку западните земји ја запленат руската сопственост, Русија би можела да возврати со запленување на најмалку 288 милијарди долари имот од Западот, вклучително и 223 милијарди долари имот од членките на Европската унија, објави руската новинска агенција РИА во својата најнова процена.
Откако рускиот претседател Владимир Путин испрати вооружени сили во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства во западните банки.
Американските и британските власти сега предлагаат замрзнатите средства да бидат запленети и искористени за обнова на Украина разурната од војна и се надеваат дека лидерите на Г7 ќе го прифатат предлогот на состанокот кон крајот на февруари, дозна Reuters кон крајот на декември од три изворa.
Русија го обвини Вашингтон дека се обидува да употреби принудна тактика за да добие поддршка од европските земји за предлогот, кој и според некои западни правно-финансиски експерти нема основа во меѓународното право. Москва соопшти дека има список на американски, европски и други средства и дека може да возврати со иста мера.
Во извештајот објавен во неделата, руската новинска агенција РИА цитира податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесува вкупно 288 милијарди долари.
Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесува 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 98,3 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар.
Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди.
Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија, РИА ја наведува Франција со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари.
Меѓу земјите од Г7, агенцијата ја наведува Велика Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари, според податоците од крајот на 2021 година.
Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесувале 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.
Швајцарија и Норвешка обично донесуваат антируски мерки, забележува РИА, додавајќи дека на крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно.
Агенцијата Reuters во коментарот забележува дека не може самостојно да ги потврди податоците наведени од руската агенција.