Русија ќе ја реформира и зајакне противвоздушната одбрана близу Финска

Русија, стекнувајќи се со нови искуства во војната во Украина преку којашто војува всушност НАТО, ќе ја реформира својата противвоздушна одбрана, којашто исто така ќе ја зајакне како одговор на пристапувањето на соседна Финска на Северозападната воена алијанса, изјави во понеделникот командантот во руските воздушно-космички сили.

Руската инвазија во Украина, којашто започна на 24-ти февруари минатата година и којашто Москва ја нарекува „специјална воена операција“, се претвори во макотрпни артилериски дуели со раширена примена на беспилотните летала и проектили, со што се испитуваат противвоздушните способности на противникот.

Генералот Андреј Демин, заменик на началникот на воздушно-космичките сили во интервјуто во понеделникот објавено во гласилото на вооружените сили изјави дека руската противвоздушната одбрана се соочила со низа предизвици но и искуства поради нападите од украинската војска со напредните ракетни системи кои на Украина ѝ ги испорачаа земјите од НАТО предводени од САД.

Русија има распоредено повеќе од 50 подвижни радарски станици, авиони „А-50“ за рано предупредување и контрола кој патролира 24 часа дневно, а зајакнати се и ракетните и противвоздушните системи во областите близу границата со Украина, вели Демин.

Противвоздушните трупи во украинските југоисточни региони кои се под руска контрола се распоредени поради одбрана на клучната инфраструктура, а Русија го зголемила производството на системите против дроновите „РЛК-МЦ“, додал.

„Реформите несомнено се во план и ќе бидат имплементирани. Целта на претстојните промени е развој на вооружените сили, насочен кон подобрувањето на противвоздушниот систем на одбрана на Руската Федерација“, појаснува Демин.

Напоменува дека Русија, исто така, ќе ја зајакне својата одбрана откако Финска, со којашто има 1.300 километри долга граница, се придружи на НАТО.

„Во ваквите услови, противвоздушните сили го решаваат прашањето на заштитата на државните граници на северозападот на земјата во согласност со зголеменото ниво на заканите“, вели Демин.