Русија ќе дејствува ако Финска влезе во НАТО, објави руското МНР

Русија е приморана да дејствува како одговор на одлуката на Финска да се придружи на западниот воен пакт НАТО, соопшти руското министерство за надворешни работи.

„Влегувањето на Финска во НАТО е радикална промена во надворешната политика на земјата“, се наведува во соопштението.

„Русија е присилена да преземе чекори на одмазда, и од воено-техничка, и од друга природа, за да го сопре создавањето закани за нејзината национална безбедност“.

Финска денес објави дека планира да поднесе барање за придружување на воениот сојуз без одложување.

Русија и претходно се закани со распоредување на нуклеарно оружје на Балтикот ако Финска влезе во НАТО.

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг претходно изјави дека пристапувањето на Финска во НАТО ќе биде брзо и лесно.