Русија ќе дозволи меѓународна инспекција на нуклеарката Запорожје

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека на претставници на Обединетите нации ќе им биде дозволено да го посетат и да го проверат нуклеарниот комплекс Запорожје, соопшти Кремљ по разговорите меѓу Путин и францускиот претседател Емануел Макрон.

Изјавата на Путин следува во време кога борбите продолжуваат во близина на нуклеарната електрана, а четворица цивили наводно биле ранети во руско гранатирање.

Во соопштението по разговорите меѓу Путин и Макрон, Кремљ информира дека рускиот претседател се согласил да им ја обезбеди на истражителите на ОН „неопходната помош“ за пристап до нуклеарната локација.

Нуклеарката е под руска контрола од почетокот на март, но украинските техничари сè уште работат под руска управа.

Двајцата претседатели ја истакнаа важноста од испраќање експерти на МААЕ во централата за да ја проценат „ситуацијата на теренот“, соопшти Кремљ.

Генералниот директор на агенцијата на ОН за нуклеарен надзор, Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), ја поздрави изјавата на Путин и рече дека е подготвен самиот да ја предводи посетата на објектот.

„Во оваа многу нестабилна и кревка ситуација, од витално значење е да не се преземат нови дејствија што би можеле дополнително да ја загрозат безбедноста на една од најголемите нуклеарни централи во светот“, рече Рафаел Гроси