Русија ќе гони најмалку 400 лица осомничени за воени злосторства во Украина

Бројката лица вмешани во извршување воени злосторства во Украина надмина 400, а вкупно се покрената повеќе од 1.300 кривични постапки во врска со истата тема, вели во интервјуто за Российская газета, челникот на рускиот Истражен комитет, Александр Бастрикин.

„Се истражуваат кривични случаи за настаните во Украина против претставници на военото и политичкото водство на земјата, припадници на радикални националистички здруженија, како и претставници на украинските вооружени формации. Севкупно покренати се повеќе од 1.300 кривични случаи, за кои одговорноста паѓа на над 400 лица“, истакнува Бастрикин.

Додава дека прелиминарната истрага веќе открила вмешаност на повеќе од 220 лица во акти на злосторства против мирот и човештвото, дела кои не застаруваат. Меѓу тие лица главно се членови на воениот врв на Украина, како и команданти на воени единици кои отворале оган врз цивили и покрај тоа што во дадените области немало воена инфраструктура или легитимни цели.

„Обвинети се 92 команданти и нивни подредени. На потерници се 96 лица, посебно 51 командант на вооружените сили на Украина“, посочува Бастрикин.

Потсетува, исто така, дека Истражниот комитет на Руската Федерација отворил и кривични предмети за развој на оружје за масивно уништување од страна на вработени во украинското министерство за здравство, како и за учество во платенички формации меѓу кои се државјани на Велика Британија, Грузија, САД, Канада и Холандија.

Бастрикин додава дека се отворени уште пет случаи против припадници на украинските националистички формации за загрозување на животите на руски војници и шест кривични случаи за изживување и измачување на руски војници.

„Покрај тоа, отворени се и осум кривични предмети за напади врз руските амбасади и дипломатски претставници во Холандија, Ирска, Литванија, Чешка, Полска, Романија, како и врз канцеларијата за соработка со Русија во Франција“, додава челникот на рускиот Истражен комитет.

Кривично ќе бидат гонети, додава Бастрикин, и вмешаните во случајот на приведување и притворање на територијата а Украина на четворица вработени на руската државна корпорација „Росатм“.