Русија ќе им помогне на Украинците да се ослободат од ненародниот режим, порача Лавров

Русија сигурно ќе им помогне на Украинците да се ослободат од ненародниот и антиисториски режим, изјави меѓу другото во неделата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со постојаните претставници на земјите членки на Арапската лига.

„Жал ни е за украинскиот народ, кој заслужува многу подобро. Жалиме поради украинската историја којашто се распаѓа пред нашите очи и жалиме за сите оние коишто подлегнаа на државната пропаганда на режимот во Киев и на оние коишто ја поддржуваат“, истакна Лавров пред амбасадорите на 21 арапска земја во организацијата која е основана во 1945 година.

Според шефот на руската дипломатијата, актуелната власт во Киев изминатиот период и сега настојуваат Украина да ја претворат во вечен непријател на Русија, но Лавров верува дека нивните обиди нема да бидат успешни.

„Рускиот и украинскиот народ ќе продолжат да живеат заедно“, заклучил Лавров кого го цитира агенцијата РИА.

Претходно во неделата Лавров истакна дека Москва не се сомнева во можноста од обновување на дијалогот по широк спектар прашања, но оти сѐ зависи од ставот на властите во Киев, според кои „преговори нема да има сѐ додека Украина не ја победи Русија“ на боиштето.