Русија ќе им забрани на странците да користат нејзини сурогат мајки

Руските пратеници се подготвени да донесат закон со кој на странците им се забранува да користат руски сурогат мајки. Еден од предлагачите на овој предлог-закон, пратеникот Пјотр Толстој, рече дека нацртот може брзо да се усвои во второто и третото читање. Иницијативата, според пратениците, „ќе стави крај на трговијата со деца“.
Во исто време, адвокатите изјавија за „Известија“ дека оваа легислатива има голем број недоследности.

„Коментарите беа земени предвид во амандманите предложени за второ читање. Што е најважно, овој предлог-закон ќе стави крај на трговијата со деца“, изјави Толстој за весникот.

Според законската регулатива, само на мажените Русинки или самохраните Русинки кои не можат да имаат деца ќе им биде дозволено да ги користат услугите на локалните сурогат мајки. Во исто време, само руски државјани можат да станат сурогат мајки. Оваа услуга повеќе нема да биде достапна за странци.

Според адвокатот Игор Трунов, Русија не продава деца, туку технологија.
„Го олеснуваме породувањето и наплатуваме за тоа. Странците кои доаѓаат во Русија заминуваат со своето генетско дете, а не со Русин, вели тој.

Русија ќе претрпи финансиски загуби како резултат на забраната, според поранешниот претседател на Руската асоцијација за медицински туризам Константин Онишченко. Во исто време, Онишченко изјави дека општиот тренд на сурогат мајчинство во медицинскиот туризам сега опаѓа.