Русија е главната меѓународна безбедносна закана за Шведска и надворешните непријатели би можеле да го искористат високиот ризик од исламистичко и екстремно десничарско екстремистичко насилство, соопшти во средата шведската служба за безбедност.
„Сите ние треба да научиме да живееме со сериозна безбедносна ситуација“, рече директорката на службата за безбедност, Шарлот фон Есен, на прес-конференција, објавувајќи го годишниот извештај за заканите со кои се соочува Шведска, која се откажа од вековната декларативна воена неутралност како дел од мировниот договор по историски пораз од Русија, и поднесе барање да се приклучи кон НАТО, образложувајќи го потегот со руската инвазија во Украина.
„Првенствено Русија, но и Кина и Иран, сѐ уште се најголемите закани за Шведска и тие работат, до одреден степен и заедно, на промена на сегашниот безбедносен систем“, тврдеше фон Есен без да презентира поединости и податоци.
Во август, агенцијата го подигна нивото на закана од тероризам од 3 на 4 на скала од 5, по неколку инциденти во кои поединци во Шведска и соседните земји ја сквернаеа и палија муслиманската света книга Куранот, што предизвика бес од муслиманите и закани од џихадистите.
Во соопштението што го придружува извештајот, агенцијата истакнуаа дека надворешните непријатели на Шведска може да ги охрабрат или искористат заканите од екстремно десничарските и исламистичките групи.
„Странските сили може да користат насилни екстремисти и други видови организации и поединци како посредници за да вршат активности опасни по безбедноста за кои може да негираат одговорност“, се вели во извештајот.
Шефот за операции на безбедносната служба, Фредрик Холстром, им изјави на новинарите дека како што сѐ повеќе руски шпиони се протеруваат од Западот, Москва ја менува тактиката и „користи повеќе опортунистички методи“.
Влезот на Шведска во НАТО допрва треба да биде ратификуван од Унгарија, чиј парламент би можел да гласа за него следната седмица. Соседна Финска, која всушност својата државност ја добива во XVIII век по руско-шведската војна, се приклучи на НАТО минатата година.