Руската државна вселенска агенција Роскосмос нема да објави никакви сателитски снимки од подрачјата во кои се водат борбените дејствија во Украина, сѐ додека на биде објавен крај на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“, изјави во саботата челникот на агенцијата, Дмитриј Рогозин.
„Ние нема да објавуваме ништо сѐ додека претседателот (Владимир Путин, кој е и врховен командант) не го објави завршувањето на оваа операција“, изјави Рогозин за програмата на телевизискиот канал Россия 24.
Истовремено Рогозин прецизираше дека сателитите на Роскосмос континуирано деноноќно ги снимаат областите во коишто се изведуваат борбените дејствија во Украина.
Рогозни додаде дека уште од почетокот на офанзивата во Украина кон крајот на февруари, биле регистрирани обиди за кибернетички напади врз Центарот за обработка на податоците на руските вселенски системи. Но посочи дека уште на почетокот од 2022 година била зајакната заштитата на таквите ресурси, како и на центрите за контрола на сателитите.
Пред десет дена руската страна објави дека американскиот комерцијален сателит Worldview-1 ја снимал рафинеријата за нафта во Новошахтинск во Ростовската област којашто граничи до Украина три дена пред нападот со дрон. Претходно медиумите пишуваа дека американски комерцијални сателити го снимале и Змискиот остров во Црното Море неколку дена пред обидот со ракетирања и десант на украинските сили да ја повратат контролата врз островот кој руските сили го заземаа уште првиот ден на војната. Покрај тоа, истите сателити ја снимале областа на платформите за дупчење во Црното Море една седмица пред да бидат нападнати од украинските сили.
Севкупно од почетокот на руската воена интервенција во Украина на 24-ти февруари, сателитите Worldview-1 и Worldview-2, на американскиот комерцијален сателитски оператор Maxar Technologies, трипати ја снимале областа во којашто е нападнатата рафинерија, и на 5-ти мај и на 12-ти јуни, тврдат руски извори. Инаку споменатата американска приватна компанија од почетокот на војната во Украина објавуваше сателитски снимки со наводно движење на руските трупи на теренот.
Претходно седмицава Роскосмос, пред почетокот на самитот на НАТО во Мадрид, објави снимки од „западните центри на команда“ за операциите против руските единици во Украина, како и против Русија. Имено, Роскосмос објави сателитски фотографии од Мадрид, Пентагон и Белата куќа во Вашингтон, британското Министерство за одбрана во Лондон, претседателското седиште во Елисејскиот дворец во Париз, Рајхстагот во Берлин и седиштето на Алијансата во Брисел со координати со точните локации и пораката: „Самитот на НАТО започнува денеска во Мадрид, на кој западните земји ќе ја прогласат Русија за свој најголем непријател“. Веднаш потоа веб-страницата на Роскосмос беше подложена на кибернетички DDoS напади.