Русија ќе одговори на американските ракети со долг дострел во Германија

Русија ќе подготви воен одговор на планираното распоредување американски ракети со долг дострел во Германија, предупреди во четвртокот рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

САД и Германија заедно објавија во средата дека ќе започнат со распоредување ракети со долг дострел на територијата на Германија во 2026 година како знак на посветеноста на НАТО и европската одбрана.

Според соопштението, Германија ќе распореди оружје кое вклучува крстосувачки ракети „SM-6 Tomahawk“ и надзвично вооружување кое има поголем дострел од сегашните можности во Европа. Меѓутоа, суперсоничните ракети сѐ уште се во првична фаза на испитување во САД, според официјалните изјави на американски функционери, па нејасно е на какво конкретно вооружување се мисли во објавта.

Претходно Пентагон објави дека САД ќе почнат да распоредуваат ударни системи со долг дострел во Германија во 2026 година, што значително ќе го зголеми бројот на оружја што веќе е распоредено во Европа.

Заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Рјабков изјави дека Русија ќе развие воен одговор на американските планови на мирен начин, без нервоза и емоции. Рјабков американскиот потег го нарече ескалација на тензиите со цел да се заплаши Русија.

„Невозможно е да нѐ исплашат, ќе најдеме одговор. Нѐ спречуваат да се разоружаме на штета на себеси со овие методи, како што беше во времето кога НАТО го усвои таканареченото ‘нулта решение’. нѐ тераат да се вклучиме во скапа трка во вооружување. Сè што ни е потребно, веќе е создадено“, рече Рјабков за телевизискиот канал Россия 24.

„Тоа е прашање на производство. Претседателот зборуваше многу јасно за тоа. И понатаму, војската и врховниот командант ќе одлучат каде, како, што да распоредат за да се спротивстават на овие закани… Со ладни глави, без емоции, прво ќе подготвиме воен одговор за оваа нова игра“, рече рускиот дипломат.

Како што истакна Рјабков, САД и Германија со нивна одлука ќе „фрлаат пари на ветер“.

Претседателот Владимир Путин минатиот месец рече дека Русија ќе го рестартира производството на ракети со краток и долг дострел способни да носат нуклеарни боеви глави, а потоа, откако САД распоредија слично оружје во Европа и Азија, ќе размислат каде би можеле да бидат распоредени.