Русија ќе работи на испораките на житарки, храна и ѓубрива во Африка, порача Путин

Без оглед на западните санкции, Русија и натаму ќе работи на организирањето испораки на прехранбени продукти и ѓубрива во Африка и е способна целосно да ги замени украинските количества житарки, истакнува рускиот претседател Владимир Путин во авторската статија „Русија и Африка: здружување на усилбите за мир, напредок и успешна иднина“ објавена на мрежната страница на Кремљ.

„И покрај санкциите, Русија ќе продолжи енергично да работи на организирањето снабдување со житарки, храна, ѓубрива и други продукти на Африка: ние високо ја цениме и продолжуваме динамично да ја развиваме целата палета економски врски со Африка – и со поединечните држави, и со регионалните организации и, се разбира, со Африканската унија“, пишува Путин.

Рускиот челник го поздравува стратешкиот курс на Африканската унија кон натамошна економска интеграција и формирањето на Африканската континентална зона на слободна трговија. Москва, нагласува Путин, е подготвена да воспостави прагматични, заемно корисни врски, вклучително и преку Евроазиската економска унија.

„Решителни сме, исто така, и да ја интензивираме соаработката со другите регионални организации на контитнентот“, додава Путин.

Русија може да ги надомести украинските житарки

Рускиот претседател натаму истакнува дека земајќи ги предвид сите фактори, продолжувањето на ткн „договор за житарки“, кој според него не ја оправвдал неговата хуманитарна цел, го изгубило своето значење.

Во текот на годината на важноста на договорот меѓу Русија, Украина и Турција постигнат ланскиот јули со посредство на Обединетите нации, тој беше склучен на 120 дена и продолжен за уште 120 дена во ноември минатата година и за уште 60 дена во март годинава.

„Се спротиставивме на натамошното продолжување на ‘договорот’, неговата реализација заврши на 18-ти јули. Сакам да ве уверам дека нашата земја е во состојба да ги надомести украинските житарки и комерцијално и бесплатно, особено затоа што годинава повторно очекуваме рекордни жетви“, пишува натаму Путин објаснувајќи ја одлуката на Москва да се повлече од споменатиот договор, потег за кој Западот тврди дека ќе предизвика глобален недостиг од храна од што ќе страдаат најсиромашните земји.

Меѓутоа, како што известија Обединетите нации мината седмица, од почетокот на август минатата година до 10-ти јули годинава од три украински пристаништа во Црното Море извезени се 32 милиони тони житарки во 45 земји на три континента. Најмногу житарки се извезени во Кина, речиси 8 милиони тони. Следат Шпанија и Турција со по 6 односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници се и Италија и Холандија, со 2,1 односно 2 милиона тони житарки. Египет, некогаш главниот увозник на житарки, е на шестото место со увезени 1,6 милиони тони житарки. Пченицата сочинувала околу четвртина од извозот, а пченката половина.

 

Западот заработуваше од извозот на украинските житарки

Путин натаму во написот го истакнува податокот дека од споменатите 32,8 милиони тони товар извезени од Украина дури 70 отсто заминале во земјите со високи приходи, вклучително и од ЕУ, додека најсиромашните земји како Етиопија, Судан и Сомалија, како и Јемен и Авганистан кои подолг период се соочуваат со хуманитарна катастрофа учествувале само со 3 отсто од вкупниот обем на испораките на украинските житарки, односно помалку од еден милион тони.

Путин потсетува дека „договорот за житарките“ првично имаше цел да осигури глобална безбедност на храната, да ја намали заканата од глад и да им помогне на најсиромашните земји во Африка, Азија и Латинска Америка.

„Меѓутоа, овој ‘договор’ кој на Западот јавно го претставуваат како манифестација на нивната грижа за благосостојбата на Африка, всушност бесрамно беше искористен единствено за богатење на големите американски и европски бизниси коишто ги извезуваа и препредаваа житарките од Украина“, обвинува Путин.

Посочува дека истовремено ниедна од обврските од договорот за житарките за повлекување на санкциите на системите преку кои може да се остварува рускиот извоз на житарки и ѓубрива на светските пазари не бил исполнет. Договорот, имено, го гарантираше и извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и амонјак, за да се поткрепи сигурното снабдување со храна во светот.

„Меѓутоа, ѓубривата и амонијакот до денес не се извезени во рамките на иницијативата“, стои во соопштението на ОН од 10-ти јули без да се наведат причините за тоа.

Русија, според податоците на Светската банка, е најголемиот светски извозник на ѓубрива и значаен извозник на житарки, но нејзиниот извоз го попречуваат западните санкции. Рускиот произведувач на поташ и амониум нитрат „Уралхем“ кон крајот на мај истакна дека запленетите ѓубрива на Западот чинеле повеќе од 200 милијарди американски долари, издвојувајќи го бродот „Asian Majesty“ со 60.000 тони поташ, кој е блокиран на отворено море кај естонска Рига од март 2022 година.

„Уште повеќе, дури и нашата донација на минералните ѓубрива за соромашните, најсиромашните земји, беше спречена. ОД 262.000 тони производи блокирани во европските пристаништа, беа испорачани само две пратки: 20.000 тони во Малави и 34.000 тони во Кенија“, се наведува во написот на Путин, според кој остаткот „останува во бескрупулозните раце на Европејците“.