Како сојузник на Минск, Москва го третира потегот на Украина да ги повлече војниците на границата со Белорусија, исто така како свој проблем, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Ова предизвикува загриженост и за Минск и за Москва, бидејќи ние сме навистина сојузници и партнери“, рече тој.
„Белорусија е сојузник, имаме посебни формати на дијалог меѓу сите релевантни агенции, вклучително и специјалните служби. А нашите министерства за одбрана остануваат во постојан контакт меѓусебно како партнери“, нагласи Песков.
На прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин би можел да разговара за ова прашање со неговиот белоруски колега Александар Лукашенко, портпаролот на рускиот претседател одговори дека двајцата лидери ќе го сторат тоа доколку „сметаат дека е потребно“.
Претходно белорускиот Генералштаб објави дека Украина преместува повеќе војници на границата со републиката. Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Павел Муравеико изјави дека се регистрирани активни движења на украинските војници, спорадични летови со беспилотни летала преку границата, поставување инженерски утврдувања и други активности. Белорусија распореди дополнителни сили, вклучително и артилерија, во пограничната област.