Русија во вторникот официјално се повлече од клучниот безбедносен договор кој по Студената војна требаше да ги намали ризиците од потенцијални судири меѓу тогаш идеолошки поделените Исток и Запад, што се смета за уште еден сигнал за растечките тензии меѓу Москва и НАТО.
„Во 00.000 часот на 7-ми ноември 2023 година завршена е постапката за повлекување на Русија од Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа (CFE). Со тоа меѓународно-правниот документ чијашто валидност нашата држава ја суспендираше уште во 2007 година за нас конечно стана историја“, објави руското министерство за надворешни работи во соопштението објавено на неговата интерент страница.
Договорот од 1990 година, кој преку преговори е договорен и склучен на крајот од ткн Студена војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воената опрема за да се одржи воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашниот Варшавски договор.
Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година, откако земјите поранешни членки на Варшавскиот договор стануваа членки на НАТО кој сѐ повеќе се приближуваше кон руските граници што за Москва значеше непочитување на договорите со Западот и закана за нејзината безбедност, а активно престана да учествува во него во 2015 година.
Во мај 2023 година, откако веќе длабоко се навлезе во втората година војната во Украина започната со руската инвазија од 24-ти февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин го потпиша указот со кој се откажува договорот. Тоа наиде на осуда во НАТО за „поткопување на евроатлантската безбедност“.
Војната во Украина, која по превратот во Киев во 2014 година започна со најтесна соработка со НАТО, ја предизвика најголемата криза во односите меѓу Русија и Западот по Студената војна, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави викендов дека односите со САД се „под нулата“.
„Договорот CFE е склучен на крајот од Студената војна, кога се чинеше можно формирање нова архитектура на глобалната и европска безбедност втемелена на соработка, па беа преземени и соодветни обиди“, се додава во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Руската дипломатија, исто така, наведува дека активностите на САД за проширување на НАТО довеле до тоа земјите во алијансата „отворено да ги заобиколат“ групните ограничувања и „така договорот CFE во својата оригинална форма го загуби допирот со стварноста“.