„Европската унија не смее да стане зависна од несигурни земји во нејзината транзиција кон зелена економија, исто како што стана зависна од руските фосилни горива“, изјави денеска на Светскиот економски форум во Давос, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека Русија почнала да ги користи залихите со храна како оружје, како што тоа го прави со енергијата.
Според неа, економиите на иднината повеќе нема да се потпираат на јаглен и нафта, туку на литиум за батерии, силициум метал за чипови и трајни магнети на ретки земји за електрични возила и ветерници. Зелената и дигиталната трансформација значително ќе ја зголемат нашата потреба за овие материјали, рече таа и додаде дека ЕУ, кога станува збор за многу од овие материјали, се потпира на неколку земји во светот. „Мораме да избегнеме да паднеме во истата замка како со нафтата и гасот. Не треба да замениме една зависност со нова, и затоа работиме да обезбедиме издржливост на нашите синџири на снабдување“, рече таа.
Руската армија ги запленува резервите на жито и механизацијата во Украина, намерно бомбардира складишта за жито, а руската морнарица ги блокира украинските бродови со пченица и семки од сончоглед во Црното Море, што има последици во целиот свет, посочи таа.
„Украина мора да победи во оваа војна. А, агресијата на Путин мора да биде стратешки неуспех. Ќе направиме се што можеме за да им помогнеме на Украинците да победат и да ја земат иднината во свои раце“, рече Лајен, додавајќи дека за првпат во историјата ЕУ пружила воена помош на нападнатата земја.
Таа посочи дека војната во Украина не е само прашање на опстанок на земјата или прашање на европска безбедност, туку дека го доведува во прашање целиот меѓународен поредок и затоа борбата против руската агресија е задача на целата светска заедница.