Русија: Ги потиснуваме украинските сили и создаваме две нови армии

Руските сили во Украина ги потиснуваат украинските единици кои од почетокот на годинава загубиле 71.000 војници, а руската војска ќе биде зајакната со две нови армии и 30 формации до крајот на годината, изјави во средата министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Русија минатата година повлече дел од своите сили на истокот и југот, откако претходно беше премногу раширена на голема територија имајќи го предвид бројот на ангажираните војници на фронтот кој е долг околу 1.200 километри. Тие тактички отстапувања беа првично претставувани како успеси на украинската армија, по што на почетокот од јуни минатата година започна украинската противофанзива која не даде никакви напредувања. Од друга страна, руската армија која во моментов контролира петтина од украинската територија откако минатиот месец го зазема добро утврдениот град Авдиевка бавно но континуирано ја поместува кон централна Украина линијата на контакт на двете војски.

„Групациите руски војници и натаму го потиснуваат непријателот од неговите позиции. Соединетите држави и нивните сателити исклучително се загрижени околу овие успеси на руските вооружени сили“, изјави на брифингот со генералите министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Рече дека армијата продолжува да го потиснува непријателот од нивните позиции и не му дозволува да се зацврсти на нови одбранбени линии.”

Најави дека руските сили кои бележат прилив на доброволци и војници по договор ќе формира две нови армии и 30 борбени формации, вклучително 14 дивизии и 16 бригади.

Западните разузнавачки челници сметаат дека војната на Украина е дојдена во пресвртниот момент. На Киев му недостигаат и војници и повеќе вооружување од западните сојузници, но и војници кои ќе умеат да ракуваат со него, за да избегне нови порази на боиштето, пишува Reuters. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин во вторникот на состанокот со десетиците сојузници предупреди дека „опстанокот на Украина е во опасност“.

Украина разгледува нов закон за мобилизација, бидејќи ѝ недостигаат војници на фронтот, а воената помош од САД е запрена поради внатрешните меѓупартиски несогласувања. А Шојгу го повтори ставот на Москва дека ни нова помош во оружје, ниту испраќање војници од западните земји, за што залага францускиот претседател Емануел Макрон, нема да ја измени ситуацијата на боиштето, што според него е во полза на руската војска.

Загуби на украинската војска

Украина во пресрет на руските претседателски избори ги засили прекуграничните напад врз блиските региони, и рафинериите во длабочината на руската територија. Шојгу изјави во врска со тоа дека Русија ги засилила безбедносните мерки на цивилните инфраструктури и на стратешките објекти. Рече дека во време на изборите, биле соборени 419 дронови и 67 ракети со долг дострел од западни производство само во текот на изборите во Русија.

Според процените на руското Министерство за одбрана, во овие прекугранични напади од украинска страна учествувале 2.500 борци, од кои убиени биле најмалку 580, а притоа биле уништени 19 тенкови и 21 тешко оклопно борбено возило на украинските сили.

Загубите на вооружените сили на Украина од почетокот на годинава надминале 71.000 луѓе, рече Шојгу.

„Севкупно, загубите на украинската војска во овој период, односно од почетокот на оваа година, надмина 71.000 луѓе и 11.000 парчиња различно вооружување. Тоа е речиси трипати повеќе отколку податоците за истиот период минатата година“, тврди рускиот министер за одбрана.

Шојгу истакна дека руските сили во овие неполни три месеца уништиле четири тенка „Abrams“ од американско и пет тенкови „Leopard“ од германско потекло, 27 пешадиски оклопни борбени возила „Bradly“ и шест лансирни ракетни системи HIMARS со долг дострел, 11 ракетни лансирни и противвоздушни системи од кои пет американски „Patriot“.

Според него, терористичките напади врз Русите се претставени како успеси на вооружените сили на Украина, а присилната мобилизација се зголемува. Украинската команда е принудена да фрли резерви во битка и да ги користи најскапите модели на странска опрема, истакна Шојгу.

„Случаите на дезертирање во редовите на вооружените сили на Украина зачестија. На територијата контролирана од Украина, грабежот врз цивилите е неконтролиран. Режимот во Киев прави сѐ за да ја скрие вистинската ситуација на бојното поле од граѓаните“, истакна рускиот министер за одбрана.