Номинациите за руските претседателските избори се затворени, а на списокот е актуелниот претседател Владимир Путин, кој се очекува убедливо да победи, и уште тројца политичари, од кои сите ја поддржуваат „специјалната воена операција “ во Украина, објави во неделата руската новинска агенција ТАСС.
Рускиот антивоен кандидат Борис Надеждин не беше на списокот откако Државната изборна комисија (ЦИК) му забрани да се кандидира во четвртокот, наведувајќи ги недостатоците во собирањето потписи потребни за поддршка на неговата кандидатура.
Заедно со Путин, ЦИК за кандидати го именуваше Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на пратеничката група на партијата Нови луѓе; Леонид Слуцки, водач на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР), лојална на Кремљ; и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.
Путин, кој избра да се кандидира како независен кандидат а не како кандидат на владејачката партија Единствена Русија и е на чело на Русија од 2000 година, се очекува лесно да победи на изборите следниот месец.
Иако никој не очекуваше дека Надеждин – кој ја окарактеризира војната на Путин во Украина како „фатална грешка“ – ќе победи, неговата жестока критика изненади некои аналитичари. Кремљ соопшти дека не го гледа како сериозен конкурент на Путин.
Надеждин во четвртокот рече дека ќе ја оспори одлуката на ЦИК пред рускиот Врховен суд.
Во саботата беа објавени резултатите од истражувањето спроведено од социолошкиот институте ВТСИОМ, кое откри дека доколку изборите се одржат оваа седмица, мнозинството Руси би гласале за Путин.
Според социолозите, мнозинството Руси планираат да учествуваат на изборите: 62 отсто рекле дека дефинитивно ќе гласаат, 14 отсто рекле дека повеќе би сакале да учествуваат отколку да не учествуваат на изборите, четири отсто рекле дека најверојатно нема да излезат на гласање а седум проценти рекле дека дефинитивно нема да излезад да гласаат. Сѐ уште неопределени биле 12 отсто од испитаниците.
Меѓу оние што ќе излезат на гласање, 75 отсто рекле дека ќе гласаат за Путин, доколку изборите се одржат неделава (денеска). На второ место е кандидатот на Нови луѓе Владислав Даванков – за кого пет отсто од испитаниците се подготвени да гласаат Третото место го делат Леонид Слуцки од ЛДПР и Николај Харитонов од Комунистичката партија на Руската Федерација, кои добиле по четири отсто. Уште два отсто одговориле дека ќе излезат на гласањето но ќе го поништат гласачкото ливче. На осум проценти од испитаниците им било тешко да одговорат.
Серуското истражување било спроведено на 8-ми февруари со помош на телефонски интервјуа меѓу Русите постари од 18 години. Примерокот се состоеше од 1.600 луѓе.
Советот на Федерацијата закажа претседателски избори во Русија за 17-ти март 2024 година. Гласањето ќе трае три дена: 15, 16 и 17 март.