Русија ги зајакнува нуклеарните сили во услови на „хибридна војна“ со Западот, предупреди Путин

Русија го надградува својот нуклеарен арсенал и ги држи своите стратешки сили на највисока готовност додека Западот води „хибридна војна“ против неа, изјави рускиот претседател Владимир Путин на проширениот состаник со високите претставници на одбраната во вторникот.

Путин рече и дека Москва ќе продолжи со својата „специјална воена операција“ во Украина и дека сите обиди да ѝ се нанесе стратешки пораз на Русија се неуспешни.

Русија во вторникот го повика амбасадорот на Финска предавајќи му протест за новиот одбранбен договор што Финска го потпиша со Соединетите држави, со кој ќе ѝ се овозможи пристап до областите во близина на границата со Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

На амбасадорот му било кажано дека Москва „нема да дозволи зајакнувањето на воениот потенцијал на НАТО на руската граница, што ја загрозува безбедноста на Руската Федерација, да остане без одговор и ќе ги преземе неопходните мерки за да одговори на агресивните одлуки на Финска и нејзиниот НАТО сојузници“, рече портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.

Финска се приклучи на НАТО оваа година, по децениската декларативна воена неутралност додека со децении воено-технички и на маневри тесно соработуваше со западниот воен блок, со изговор за наводна загрозеност по руската инвазија во Украина во февруари 2022 година.

Договорот со САД овозможува брз пристап до американската војска и помош за Финска во случај на конфликт, изјавија официјални лица. Според договорот, американската војска ќе има неограничен пристап до 15 објекти и области во Финска каде што може да ја складира својата опрема и муниција, вклучувајќи четири воздухопловни бази и воено пристаниште.

САД имаат слични договори со многу земји во Источна Европа.

Кремљ во петокот соопшти дека договорот ќе биде „јасна закана“ за Русија и ќе предизвика тензии во односите со Хелсинки.

Данска, исто така, склучи одбранбен договор со САД, кој ќе им овозможи на американските војници и воена опрема да бидат стационирани на данска територија на десет години, изјави во вторник данската премиерка Мете Фредериксен.

САД склучија сличен договор со Шведска овој месец, а Норвешка склучи договор со САД во 2001 година со кој се регулираат американските воени активности на нејзина територија.

„Ова значи дека американските војници и опрема можат постојано да бидат стационирани на данска почва. Договорот ќе биде потпишан оваа седмица, а ќе стапи на сила за околу една година кога ќе се донесат потребните закони“, рече Фредериксен на прес-конференција.