Кремљ во четвртокот ги отфрли обвинувањата од западните земји според кои Москва од почетокот на нејзината воена офанзива во Украина го попречува извозот на украинските житарки што може да предизвика глобална прехранбена криза, и го обвини Западот за блокада на украинскиот извоз.
„Решително ги одбивме таквите обвинувања и, напротив, ги обвинуваме западните земји за носењето низа незаконски мерки кои доведоа до оваа блокада“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Порача дека западните земји „мора да ги повлечат овие незаконски одлуки коишто го попречуваат изнајмувањето бродови и извозот на житарките“.
Украина, која е голем извозник на житарки, во прв ред пченка и пченица, е оневозможена да произведува во толкав обем како претходно поради војната.
Русија, пак, е вториот најголем светски производител на житарки, не може да го извезува своето производство и вештачкото ѓубриво што е неопходно за земјоделското производство во многу земји во светот, поради западните санкции воведени за финансискиот и логистичкиот сектор.
Во средата високиот руски дипломат Андреј Руденко рече дека решението на кризата ја гледа во укинувањето на санкциите против Русија и во деминирањето на украинските пристаништа што треба да го спроведе Киев. Додаде дека Москва е подготвена потоа да ги осигури безбедните поморски коридори за бродовите да можат да извезуваат.