![g20-logo-afp-1187360-1675382595](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/g20-logo-afp-1187360-1675382595.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Русија во саботата во засебно соопштение го обвини колективниот Запад дека го дестабилизирал самитот на Г20 во Индија, обидувајќи се со уцени да го наметне усвојување на параграфи за Украина во заедничката изјава, што не се случи поради разликите во ставовите, пренесува AFP.
„Жалиме што колективниот Запад и натаму ги дестабилизира активностите на Г20 и ги користи на антируски и на очигледно непријателски начин“, го цитира агенцијата соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Според Русија, САД, Европската унија и земјите од Г7 „го нарушија усвојувањето на заедничките одлуки, обидувајќи се да наметнат диктат преку очигледни уцени, во изјавата да биде вклучена нивната интерпретација на судирот во Украина.
Москва ги обвини Вашингтон и неговите западни сојузници дека им поставувале ултиматуми на делегациите од земјите кои досега не ја осудија категорички руската инвазија во Украина и не им се придружија на западните санкции против Русија.
„Итно го повикуваме колективниот Запад што поскоро да се откаже од своите деструктивни политики, да ги сфати објективните реалности на мултиполарниот свет. Г20 мора да остане економски форум, а не да се меша во безбедносната сфера“, го цитира AFP руското Министерство за надворешни работи.
Министрите за финансии и челниците на централните банки на земјите од Г20 на самитот во индиската технолошка престолнина Бангалоре, од петокот се обидуваа да постигнат договор за решенијата за предизвиците со кои се соочуваат светските економии, кои западните земји ги ставија во контекстот на војната во Украина а не на растот на инфлацијата започнат уште пред судирите.
Индија, којашто претседава со овој форум на Г20, по состанокот во саботата објави само „извадоци“ од дискусиите, но не и заедничката изјава. Според објавата, „повеќето членки решителни ја осудија“ руската офанзива во Украина, но „различно ги оценуваат ситуацијата и санкциите“. Се додава и дека само Кина и Русија не ги прифатиле двата параграфа за Украина.
„Од февруари 2022 година сведоци сме и како војната во Украина дополнително влијае врз глобалната економија (…) Повеќето членки силно ја осудија војната и истакнаа дека таа предизвикува големи човечки страдања и ги влошува постојните ранливост во глобалната економија. Имаше различни ставови и различни оцени за ситуацијата и санкциите“, објави министерството за финансии на Индија, но овој дел во финалниот документ не е прифатен поради реакциите на руските и кинеските претставници.
Во објавата на индиското министерство се додава за заедничката изјава и дека Г-20 не е местото за решавање на безбедносните прашања, но дека тие „може да имаат значителни последици за глобалната економија“.