Русија го потврди нападот во Чаплино, но тврди дека убила 200 украински војници

Руското Министерство за одбрана во четвртокот на редовниот брифинг за активностите на украинското боиште во изминатите 24 часа го потврди ракетниот напад во средата на железничката станица Чаплино во регионот Дњепропетровск и тврди дека притоа во погодокот на возот биле убиени 200, додека Киев тврди дека се убиени 25 цивили.

„Како резултат на директниот удар со проектил ‘Искандер’ на воен ешалон на железничката станица Чаплино во регионот на Дњепропетровск, уништени се повеќе од 200 војници на резервниот состав на Вооружените сили на Украина и десет единици воена опрема упатена кон борбена зона во Донбас“, се вели во извештајот.

Покрај тоа, руските војски извршиле напади и врз други воени објекти на територијата на Украина, па во Запорожје, цел биле погони за производство на радарска опрема за противвоздушната и протовартилерска одбрана, како и погони за ремонт на авијациска техника. Во регионот Хмелницки, во ракетен напад е уништен погон за ремонт на оклопни возила и повеќекратни ракетни системи во Шепетивка.

Изведени биле уште два ракетни напада, врз аеродромот во Дњепар каде биле уништени три украински борбени авиона, а во Миргород во Плтавската област во централна Украина се уништени уште два авиона а три биле критично оштетени. Притоа загинале околу 30 украински војници, проценува руската војска.

Киев, пак, објави дека загинале 25 цивили во рускиот напад, за кој тврди дека бил насочен кон станбена област, а Москва редовно ја обвинува украинската војска дека намерно борбените и воени позиции ги поставува во чувствителна цивилна инфраструктура.

Две деца се меу убиените, изјави заменикот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Кирило Тимошенко на својот блог на Telegram, Според него, во нападот се повредени уште 31 лице.

Информациите не можат независно да се проверат, имајќи го предвид тешкото доаѓање до информации од војната, пренесуваат агенциите.