Русија го повика Хамас на брзо ослободување на заложниците

Руското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека примило политичка делегација од Хамас и го повикало ова палестинско исламистичко движење да ги ослободи заложниците што ги држи во Појасот Газа, меѓу кои и тројца руски државјани.

Министерството соопшти дека Михаил Богданов, заменик министер за надворешни работи, го примил членот на политбирото на Хамас, Муса Абу Марзук.

„Фокусот на разговорот беше актуелната конфронтација во палестинско-израелската зона на судирот, во чијашто заднина се одвива хуманитарната криза во Појасот Газа, која доби катастрофални размери“, се вели во соопштението.

„Руската страна ја нагласи неопходноста од брзо ослободување на цивилите заточени за време на нападот на 7-ми октомври 2023 година, кои ги држат палестински фракции, вклучително и тројца руски државјани – А. Козлов, А. Лобанов и А. Труфанов“, заклучува министерството.

Милитантите на Хамас киднапираа 240 луѓе од Израел. Голем број беа ослободени во замена за време на краткотрајното примирје. Израел тврди дека околу 132 од нив сѐ уште се во Појасот Газа, а 25 од нив умреле или загинале во заложништво.

Обединетите нации поддржуваат секакви дипломатски контакти кои можат да го приближат прекинот на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците, изјави официјалниот претставник на генералниот секретар на организацијата Стефан Дужарик, коментирајќи ги информациите за разговорите меѓу заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација и членот на политбирото на палестинското движење во петокот во Москва.

„Ние ги поддржуваме преговорите кои ќе доведат до итен прекин на огнот, итно и безусловно ослободување на заложниците. Ние не сме вклучени во овие преговори (во Москва), но разбираме дека се водат дискусии во различни делови на светот“, изјави Дужарик.

Една седмица по нападот без преседан на Хамас во јужен Израел на 7-ми ктомври 2023 година, по критиите за разговорот со политичката делегација на палестинското движење во Москва,  рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Израел бил брутално нападнат и оти има право да се брани, но дека решението за постигнување мир е можно само преку воспоставување на независна Палестина со главен град источен Ерусалим, според резолуцијата на Обединетите нации.

„Целта на преговорите треба да биде имплементација на формулата за две држави на Обединетите нации, што подразбира создавање на независна палестинска држава со главен град Источен Ерусалим, којашто коегзистира во мир и безбедност со Израел, кој беше брутално нападнат. Се разбира, Израел има право да се брани. Има право да го обезбеди своето мирно постоење“, рече тогаш Путин, нагласувајќи дека „од клучно значење е да се работи за решавање на ова прашање со мирни средства“.

„Како што јас го гледам тоа, во ситуација како оваа и на ова конкретно место, едноставно нема алтернатива за две независни држави“, заклучи рускиот претседател ланскиот октомври во врска со најновиот израелско-палестински судир.