Русија го удвоила извозот на течен гас на Балтикот во 2022-ра

Руските извозници продале во балтичките земи, најголемите поборници на жестоките антируските санкции поради војната во Украина, двојно поголеми количества течен нафтен гас (LPG) во 2022 година, според податоците на три извора во секторот на трговија и претоварување кои укажуваат дека вишокот бил продаван во Украина.

Течниот нафтен гас (пропан-бутан) главно се користи како моторно гориво и како енергенс за греење, но и како сировина во производството на другите петрохемикалии и поради тоа е изземен од западните санкции без преседан против Русија.

Агенцијата Reuters врз основа на тројца трговци и превозници пресметала дека Русија во текот на минатата 2022 година во Латвија, Литванија и Естонија извезла 331.000 тони LPG. Претходната 2021 година руските испораки изнесувале 159.000 тони од енергенсот.

Рускиот извоз на LPG во Латвија лани скокнал за 77 отсто, на 232.000 тони, пресметале во Reuters врз основа на податоците од изворите. Извозот во Литванија, пак, бил за осум ипол пати поголем отколку во 2021 година, достигнувајќи 72.000 тони. Извозот во Естонија скокнал за 42 отсто, на 27.000 тони.

Министерствата за енергетика на Латвија и Естонија не одговориле на прашањето на Reuters да ги коментираат пресметките. Литванското министерство, пак, одбило да ги коментира.

Податоците покажуваат дека рускиот течен нафтен гас во 2022 година сочинувал 90 отсто од увозот на овој енергенс во Латвија, а во Литванија половината.

Вишокот од енергенсот споменатите балтички земји изминатите месеци ѝ го продавале на Украина, тврдат трговците, додавајќи дека Латвија и Литванија само во декември на Украина ѝ испорачале околу 15.000 тони LPG, што одговара на 15 отсто од вкупниот украински увоз на овој енергенс во последниот минатогодишен месец.

Рускиот LPG е многу поевтин од оној во соседните земји, како на пример Полска и Романија, поради ограничените можности за извоз.

„Украинските компании купуваат пропан-бутан од Литванија и Латвија, кој многу веројатно е од руско потекло. Но, разликата во цената од 150 до 200 долари за тона во споредба со оние од Полска и од Романија им дозволува да замижат на земјата на потекло“, рекол за Reuters трговец задолжен за балтичките држави.

Додал и дека Украина всушност официјално не го забранила увозот на LPG од Русија. На прашања на Reuters, украинското министерство за енергетика не ја коментирало оваа информација.

Други трговци со енергенсот рекле дека Украина купува пропан-бутан и директно од литванската компанија „Mazeikiu Naftа“ чиј сопствени е полската „Orlen“, додавајќи дека сепак неговиот удел во украинскиот увоз е релативно мал.