Русија го забрани извозот на збогатен ураниум во САД

Русија привремено го забрани извозот на збогатен ураниум во САД, со можни исклучоци, истакнувајќи дека потегот е одговор на американските трговски ограничувања и планираната забрана за увоз од 2028 година.

Руската влада привремено го ограничи извозот на збогатен ураниум во САД, објави нејзината канцеларија за односи со јавноста кон крајот на минатата седмица.

„Одлуката се однесува на извоз на збогатен ураниум во САД, односно на договори за надворешна трговија со (правни) лица регистрирани на територијата под американска јурисдикција. Исклучок се испораките врз основа на еднократни дозволи издадени од Федералната служба за Техничка контрола и за контрола на извозот“, објаснуваат од канцеларијата.

Со овој потег Москва возврати на американското ограничување на увозот на руски производи од збогатен ураниум во периодот од 2024 до 2027 година и на најавената забрана за увоз од 2028 година, го цитира соопштението на руската новинска агенција ТАСС.

„Извозот е де факто забранет“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека службата за контролна може да дава исклучоци, но само доколку тие се во интерес на Русија.

Една четвртина од нуклеарните централи во САД главно купуваат збогатен ураниум од Русија, забележува германската новинска агенција dpa.

Американскиот претседател Џо Бајден годинава го забрани увозот на збогатен ураниум од Русија, со исклучок на гориво за нуклеарни реактори. За возврат во септември, рускиот претседател Владимир Путин нареди преиспитување на извозните ограничувања на стратешки важни суровини, вклучувајќи никел, титаниум и ураниум кои САД всушност никогаш не ги ставија во рамките на санкциите без преседан во историјата наметната поради руската инвазија во Украина.

Русија е меѓу клучните светски снабдувачи со збогатен ураниум за нуклеарните централи.

Руската нуклеарна компанија „Росатом“ во понеделникот соопшти дека, со исклучок на САД, ќе испорача ураниум нарачан од други купувачи, од кои 33 во 14 земји, без да наведе детали.

Регулативата предвидува посебна процедура за организирање испораки на ураниум до територијата на САД и до американските клиенти, истакна „Росатом“.

„Испораките на руски ураниум во други земји ќе продолжат, без никакви промени, според условите што ги договоривме со клиентите и во согласност со руските закони“, нагласи во понеделникот „Росатом“.

Тие, исто така, истакнаа дека покриваат околу 17 отсто од светската побарувачка за збогатен ураниум, кој се користи како гориво во нуклеарните централи и дека лани произвеле 2.700 тони ураниум.