Руските и белоруските вооружени сили ќе увежбуваат одбивање напад на надворешни агресори во текот на воените вежби во Белорусија во февруари, објавија во вторникот Минск и Москва во време на зајакнатите тензии со Западот поради Украина и ден откако Велика Британија објави дека ќе продолжи со испораките на оружени системи за украинската армија на што особено се спротиставува Русија.
Руските единици и воената опрема веќе започнале да пристигнуваат во Белорусија во понеделникот за воената вежба под мотото „Сојузнички одговор“, којашто ќе биде одржана на западот во непосредна близина на белоруската граница со членките на НАТО, Полска и Литванија, како и на југот близу границата со Украина каде воено, исто така, е присутен западниот блок.
Во своите коментари кои во понеделникот ги објави белоруското министерство за одбрана, претседателот Александр Лукашенко ги повтори обвинувањата дека Киев трупа сили во близина на белоруската граница и потсетува на неодамнешниот инцидент кога летала на украинската воена авијација ненајавено навлегуваа во пограничниот воздшен простор на соседната земја.
Западот со месеци наназад изразува загриженост поради наводна можна руска инвазија врз Украина откако Москва размести десетици илјади војници во близина на границата. Русија возвраќа дека тоа е нејзин одговор на трупањето украински сили на линијата на раздвојвуање со побунетите доминатно руски региони, како и сѐ поголемото присуство на војници и воена техника на НАТО во Украина и предупедува дека Киев се подготвува за воена разрешница на конфликтот во Донбас.
„Целта на вежбата е прецизно подесување на задачите за сузбување и одбивање на надворешна агресија во текот на одбранбена операција, спротиставување на тероризам и заштита на интересите на Унијата (на Русија и Белорусија склучена на почетокот од 1990-те години)“, изјави рускиот заменик министер за одбрана Александар Фомин.
Фомин додаде дека 12 борбени авиони од тимот „Сухој Су-35“, две единици на противракетниот систем С-400, како и ракетен систем „Панцир“ ќе бидат распоредени во Белорусија поради воената вежба.
Белоруското министерство за одбрана објави дека во првата фаза од воените вежнби до 9-ти февраури белоруските и руските сили ќе увежбуваат распоредување на војниците, одбрана на воени објекти и процена на способноста на противвоздушната одбрана на своите единици. Во втората фаза на маневрите од 10-ти до 20-ти февраури, силите на двете земји „ќе уништуваат илегални воени формации, непријателска саботажа и извиднички групи, според истиот извор.