Русија и Иран ги зајакнуваат своите билатерални односи во атмосфера на „доверба“, соопшти руското Министерство за надворешни работи рано во вторникот откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров беше примен од иранскиот претседател Ебрахим Раиси во текот на неговата посета на Техеран.
„Во традиционалната атмосфера на доверба, суштински се разговараше за тековните аспекти на билатералната програма со акцент на натамошната изградба на целиот комплекс на мултилатералното руско-иранско партнерство“, соопшти руската дипломатија.
Лавров, кој замина во Техеран набргу по патувањата во Кина и Северна Кореја, разговараше за енергетските и логистичките проекти со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан. Како што е типично за таквите руски комуникации, беа откриени неколку поединости од разговорите, кои се одржаа во услови на зголемени тензии на Блискиот исток.
Лавров учествуваше и на регионалните разговори, чиј домаќин беше Иран, за постигнување мир во регионот на Јужен Кавказ, откако азербејџанските сили минатиот месец повторно го зазедоа регионот Нагорно-Карабах порди што илјадници етнички Ерменци се решија да ја напуштат областа и покрај уверувањата на Баку дека им ја гарантира безбедноста и сите загарантирани малцински права.
Откако ја започна својата инвазија во Украина во февруари 2022 година, Москва ги зајакнува и претходно со децении блиски односи и врски со Иран. Украина го повика Техеран да престане наводно да ја снабдува Русија со смртоносни беспилотни летала, за кои Киев вели дека одиграле голема улога во нападите на Москва врз украинските градови и инфраструктура.
Иран првично негираше дека ѝ испорачувал на Русија беспилотни летала камиказе „Шахед“, но подоцна рече дека испорачал мал број такви летала но многу пред Москва да ја започне воената операција. Соединетите држави соопштија дека се загрижени поради „растечкото одбранбено партнерство“ меѓу Иран и Русија, што претставува ризик не само за Украина, туку и за соседите на Иран.