Договорот за стратешко партнерство што лидерите на Русија и Северна Кореја го потпишаа денеска, вклучува клаузула за заемна одбрана. Според неа, двете земји се обврзуваат да си помагаат меѓусебно да се одбие надворешната агресија, изјавил рускиот претседател Владимир Путин, пренесе „Хина“.
– Договорот за сеопфатно партнерство потпишан денеска, меѓу другото, предвидува заемна помош во случај на агресија врз една од страните на овој договор – рече Путин.
Путин го привлече вниманието на изјавите на САД и други земји од НАТО, кои се согласија да и дозволат на Украина да напаѓа цели во Русија со оружје испорачано од Запад.
– Ова не се само изјави, ова веќе се случува и сето тоа е грубо кршење на ограничувањата што западните земји ги презедоа како дел од различни меѓународни обврски – рече Путин.
Путин се состана со Ким Џонг-ун на самит чија цел беше зајакнување на партнерството заради спротивставување на американскиот притисок и санкции.
– Високо ја цениме вашата доследна и непоколеблива поддршка за руската политика, вклучително и кон Украина – рече Путин на почетокот на разговорите со Ким – пренесе руската државна новинска агенција „РИА“.
Путин рече дека Москва се бори против хегемонистичката, империјалистичка политика на САД и нивните сојузници – пренесоа руските медиуми.
– Сега ситуацијата во светот е комплицирана и брзо се менува. Имаме намера дополнително да ја зајакнеме стратешката комуникација со Русија, со руското раководство – рече Ким.
Фото: Принтскрин