Русија и Украина гледаат „значителен напредок“ во преговорите

Руските и украинските функционери ги изнесоа во неделата досега најветувачкитe оцени за напредок во преговорите, сугерирајќи дека е прашање на денот кога ќе дојде до позитивни резултати, а назнаки за напредок гледаат и САД.

„Во принцип нема да попуштиме во ниеден став. Русија тоа сега го сфаќа. Русија веќе започнува конструктивно да разговара. Мислам дека ќе постигнеме некои резултати буквално за неколку дена“, изјави главниот украински преговарач и советник во претседателските кабинет, Михаило Подолјак, пренесува Reuters.

Членот на руската делегација Леонид Слуцки изјави дека е постигнат значителен напредок во преговорите.

„Според моите лично очекувања, овој напредок во следните денови би можел да прерасне во заеднички став на двете делегации, во документи за потпишување“, изјави Слуцки кого го цитираше агенцијата РИА.

Ниедна од делегациите не открива што сѐ би било опфатени со договорот. Украина искажува подготвеност, но не да се предаде или да прифати руски ултиматуми, тврди Подолјак кој твиташе дека „Русија внимателно ги слуша украинските предлози“.

„Нашите барања се: крај на војната и повелекување на (руските) војниците, Забележувам разбирање и постои дијалог“, напиша Подолјак.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот рече дека имало „позитивни придвижувања“ во преговорите, но не појасни. Украинскиот претседател Владимир Зеленски, пак, во саботата коментираше дека е „задоволен што има некој сигнал од Русија“ и „темелно поинаков пристап“ во преговорите откако порано само „поставувала ултиматуми“.

Од почетокот на руската офанзива на 24-ти февруари се одржаа три круга преговори на ниво на делегации, првиот на украинско-белоруската граница, а следните два на полско-белоруската граница. Овие преговори ќе продолжат преку видоеконференција, потврди во саботата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одбивајќи да даде повеќе поединости.

САД го поздравија напредокот, а во неделата заменичката на американскиот државен секретар Венди Шерман рече дека Русија покажува подготвеност за се впушти во суштински преговори околу Украина, иако моменталната намера на Москва е да го „уништи“ својот сосед.

Шерман во интервјуто за емисијата Fox News Sunday рече дека САД вложуваат „голем притисок“ врз рускиот претседател Путин да ја запре инвазијата врз Украина и да ги дозволи хуманитарните коридори за извлекување на цивилите, за чиј неуспех инаку меѓусебно се обвинуваат украинската и руската страна.

„Тој притисок почнува да делува. Гледаме некои знаци на вистински, сериозни преговори. Но морам да кажам дека засега се чини дека Владимир Путин има намера да ја уништи Украина“, тврди Шерман.