
Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ) им го предал на Соединетите држави руско-јапонскиот систем за откривање на новиот тип коронавирус, изјави во петокот директорот на фондот, Кирил Дмитриев, во разговорот за американската телевизија CNN.
„Сметам дека е неопходно да ја зајакнеме соработката и да покажеме добра волја. Дојде времето за убави гестови“, рекол директорот на рускиот фонд.
Станува збор за тестови кои заедно ги развивале руски и јапонски научници во изминатиот период. Според Дмитриев ова е навистина „важен чекор“, бидејќи коронавирусот е глобален проблем.
„Ние сакаме да им помогнеме на САД. Ги предадовме нашите тестови, за коишто веруваме дека се меѓу најдобрите во светот. Станува збор за мобилни руско-јапонски системи кои може да тестираат 20 пациенти во еден час“, рече Дмитриев.
Додаде дека Москва и Вашингтон мора да ги здружат силите и напорите за справувањето со коронавирусот.
Пред два дена гигантскиот руски транспортен авион „Ан-124 Руслан“ слета во Њујорк со медицински товар од Русија. Испорачани се респиратори, средства за дезинфекција, заштитни медицински очила и маски, како и друга опрема. Според руското министерство за надворешни работи, САД платиле за половина од товарот, а другиот дел го платил Рускиот фонд за директни инвестиции.
Кон средината на март рускиот државен фонд РФПИ инвестираше во руската компанија „Медпромресурс“, формирана за промовирање на новиот руско-јапонски дијагностички ситем за откривање на новиот тип коронавирус SARS-CoV-2. Како партнер во оваа компанија влезе и јапонската „К. R. Mirai Genomics“ и руската „Генетски технологии“. Системот го доби одобрението за употреба во Русија од надлежното регулаторно тело во здравството.
Тестирањето за коронавирусот со употреба на новите уреди започна од почетокот на април. Новиот систем овозможува масовно оперативно тестирање надвор од лабораториите и овозможува добивање резултати со висока прецизност за најмногу 30 минути. Во описот на овој уред се наведува дека системот за тестирање претставува своевидна преносна мини-лабораторија со големина на мал куфер, кој може да се користи насекаде.