Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун му рекол на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов дека употребата на западните ракети со долг дострел од страна на Украина е резултат на директна воена интервенција на САД и дека Москва има право на самоодбрана, објавија во саботата севернокорејските државни медиуми.
Во петокот, Ким се состана со министерот Белоусов, а потоа изјави дека поради САД и западните земји, Киев „ја нападна руската територија со нивното оружје со долг дострел“, како и дека Русија мора да стори нешто за „да ги натера непријателските сили да ја платат цената“, наведува новинската агенција KCNA.
Ким најави продлабочување на односите со Русија во сите области, вклучително и во војската, како дел од стратешкото партнерство што го потпиша со рускиот претседател Владимир Путин во јуни. Дел од тој договор е договор за меѓусебна одбрана, пишува KCNA.
Новинската агенција не спомна дали Ким и Белоусов разговарале за севернокорејските војници коишто наводно според тврдењата на Украина и нејзините западни покровители предводени од САД се борат со украинските сили на страната на Русија во руската област Курск.
Според тврдењата на Пентагон и Украина, наводно околу 11.000 севернокорејски војници се борат за Русија. Меѓутоа, и покрај дамнешните такви тврдења, досега не е се понудени никакви докази во нивна поткрепа.
Москва ниту го демантираше, ниту директно го потврди присуството на севернокорејски војници. Пјонгјанг првично исто така ги негираше тврдењата, но подоцна ја бранеше замислата за испраќање своја војска на територијата на Русија, посочувајќи дека тоа е во согласност со меѓународното право врз основа на билатералните договори меѓу двете земји и во согласнот со членот 51 од Повелбата на ОН.