Целта на масивниот ракетен удар од понеделникот утрото врз десетиците украински градови насочен врз командните и енергетските објекти во Украина е постигната, соопшти во вторникот руското Министерство за одбрана.
„Денеска вооружените сили на Руската Федерација продолжија да изведуваат масовен удар со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух и море врз објекти на воената команда и енергетскиот систем на Украина (…) Сите одредени цели беа погодени“, се наведува во објавата на руското Министерство за одбрана.
Во понеделникот противвоздушната одбрана на Украина соопшти дека врз украинските градови во понеделникот биле истрелани 83 проектили од кои биле соборени повеќе од 40. Покрај тоа, медиумите објавуваат дека дури и некои проектили на украинската одбрана паднале врз населени области.
Како што претходно беше објавено, детонациите одекнувале во областите на градовите Киев, Запорожје, Николаев, Виница, Ривне, Хмелницки, Дњепро, Лвов, воена база крај Одеа… Во главниот град воведена е неколку часовна рестрикција на користењето на струјата поради оштетување на инфраструктурни објекти. Покрај тоа, доцнат речиси половина од возовите во земјата, соопштија од Украински железници.
Неколку украински региони останаа без снабдување со електрична енергија. Градоначалникот на западниот град Лвов, Ондриј Садовој, изјави дека околу 30 отсто од градот останал без струја по руските напади. Прекини има и во мобилните комуникации.
Украинската разузнавачка агенција Служба за безбедност на Украина (СБУ) побара од граѓаните да снимаат видео од местата на ударите, истакнувајќи дека тоа може да доведе до откривање на локации на одредена критична инфраструктура и да повлече кривична одговорност.
Ден претходно, како што соопшти руското Министерство за одбрана, руските сили извршиле масивен ракетен удар со проектили со висока прецизност и долг дострел, врз командни позиции на украинската војска, комуникациски и енергетски системи.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот на состанокот на националниот Совет за безбедност во телевизиски пренос предупреди дека ракетниот напад е одговор на „терористичкиот напад“ врз мостот на Крим и други инфраструктурни руски цели, коишто, како што истакна, се дело на украинските тајни служби.
Украинските власти објавија дека нападите во коишто загинале ширум Украина 12 луѓе а повеќе од 80 се ранети, биле регистрирани во регионот на Киев и областа на украинската престолнина, Харков, Одеса, Дњепар, Л’вов и Л’вовската област, Ивано-Франковск, Тернопил, Хмелницки, Конотоп, Ривне и Полтава, Запорожје, Виница, Суми, Житомир.