Русија извлече десантен брод за кој тврди дека самата го потопила

Руската војска објави во саботата дека го извлекла големиот десантен брод кој неговиот екипаж го потопил, а за што Украина тврди дека го погодила со проектил во пристаништето Бердјанск на 24-ти март.

Владимир Рогов, именуван руски функционер за заземени области во јужна Украина, во објава на својот Telegram канал наведе дека балистички ракети „Точка-У“ го погодиле пристаништето во Бердјанск кое е под руска контрола речиси од почетокот на војната и тогаш бил оштетен бродот, но не се споменува директен погодок.

„Екипажот го потопи бродот за да спречи можна детонација на муницијата која се наоѓала на бродот, поради пожар“, напиша Рогов без да наведе поединости.

Во тој период Украина објави дека погодила руски десантен брод, а во денешната објава Русија не потврдува дека бродот бил директно погоден.

Извештаите од Русија не наведуваа поединости за штетата на бродот, но функционерот вели дека тој ќе биде пренесен во Керч на Крим, мнозински рускиот црноморски полуостров кој по превратот во Киев во 2014-та со референдуми изгласа враќање на укинатата автономија и враќање во составот на Русија од која бил отцепен во 1954 година во периодот на советскиот лидер етничкиот Украинец Никита Хрушчов, што за Западот е нелегално руско анектирање на украинска територија.

Во извештајот на украинската војска за ракетниот напад од 24-ти март се наведува дека рускиот десантен брод се викал „Орс“, но бродот кој Русија сега го извлекла се вика „Саратов“. И „Орск“ е еден од шесте големи десантни бродови на руската Црноморска флота чиешто историско седиште е во Севастопол на Крим.

На мрежната страница на руската Црноморска флота kchf.ru е потврдено дека „Саратов“ е оштетен и потопен во пристаништето на 24-ти март, но не се споменува украински напад со проектил.

„Бродот е оштетен поради пожар и експлозии кои ги предизвикал. Трупот на бродот е оштетен и бродот е потопен во сидриштето“, се наведува на веб-страницата.

Бродот „Саратов“, кој е стар речиси 60 години, бил воведен во советската воена морнарица во 1964 година. Може да носи до 20 тенкови, или 45 оклопни возила за транспорт на војници или 50 камиони, како и до 400 маринци. Бродот е долг 113 метри и има носивост до 1.500 тони.