Русија може да бара отштета поради саботажите со експлозии врз нејзината стратешка инфраструктура, односно гасоводите во Северен тек 1 и Северен тек 2 ланскиот септември во Балтичкото Море, со што беше запрено испорачување на рускиот гас во Германија односно Европа.
Американскиот наградуван новинар Сејмур Херш објави истражување во коешто тврди дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја испланирала диверзијата со помош на норвешката воена морнарица. Еден месец по неговиот текст, западните мејнстрим медиуми ја објавија верзијата дека зад експлозиите стои наводна „проукраинска“ група која „не е поврзана“ со владата во Киев и украинскиот претседател Володомир Зеленски. Москва ги отфрла таквите наводи, а инцидентот го истражува како чин на меѓународен тероризам.
„Не исклучуваме подоцна покренување на прашањето за компензација за штетата како резултат на експлозијата на гасоводите Северен тек“, изјави за агенцијата РИА Дмитриј Биричевски, шеф на одделот за економска соработка на руското министерство за надворешни работи.
Не прецизира кому Русија ќе му го упати барањето за отштета поради експлозиите на гасоводите кои заедно можеа да извезуваат 110 милијарди кубни метри гас годишно во Германија.
Биричевски потсетува дека по појавувањето на истражувањето на новинарот Сејмур Херш, руската мисија при Обединетите нации во Советот за безбедност предложи нацрт-резолуција за независна меѓународна истрага за инцидентот.
„Но и тука западните земји активно ја саботираат работата по нацрт-резолуцијата, сметајќи на отсуство на ‘додадената вредност’ на меѓународната истрага. И покрај тоа, ние имаме намера да продолжиме да инсистираме на сеопфатна и отворена меѓународна истрага со задолжително присуство на руски претставници“, додава дипломатот.
Биричевски додава и дека иднината на гасоводите засега не е позната.
„Сега е многу тешко да се зборува за иднината на системите на гасоводите Северен тек. Во целина, според експертите, оштетените водови би можело да бидат обновени“, вели Биричевски.
Москва повеќепати повтори дека акционерите во компаниите оператори со гасоводите треба да решат дали ќе ги стават во мирување.
Извори наводно запознаени со плановите изјавиле за Reuters минатата седмица дека гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, кој ги изгради руски „Газпром“ и е мнозински сопственик во компаниите оператори, ќе бидат запечатени и конзервирани, и ставени во состојба на мирување бидејќи во моментов нема планови за нивно поправање или реактивирање.
Северен тек 1 во функција беше ставен во ноември 2011 година, а чинеше 8 милијарди долари. Градењето на Северен тек 2 во износ од 11 милијарди долари беше довршено во септември 2021 година, но не беше ставен во функција поради сметана на власта во Германија врз која САД успеаја да извршат конечно притисок да го пролонгира почетокот на неговата работа. А потоа Берлин како оправдание за опструкциите ја зема руската инвазија во Украина од 24-ти февруари 2022 година.