Доколку Русија престане да испорачува збогатен ураниум за американските енергетски компании, тоа може да доведе до затворање на нуклеарните централи во САД, а со тоа и до остар скок на цената на струјата, што ќе влијае на потрошувачите и на економијата на земјата.
Прашање е дали Москва ќе се одлучи на таков чекор, но не е тајна дека Русија размислувала за таква можност како одговор на американските санкции во енергетскиот сектор, изјави за Спутник, Александар Уваров, руски експерт за нуклеарна енергија.
„Прво, сакам да нагласам дека Русија испорачува збогатен ураниум, што е многу важно. Тој не е ураниум добиен од земја, туку се обработува на посебен начин, во центрифуги, а тоа е „хај-тек“, висока технологија. Комерцијални испораки на ваков производ во светот вршат само три компании – руската корпорација „Росатом“ и две европски компании: „Еуренко“ во сопственост на Германија, Холандија и Велика Британија и „Орано“ во сопственост на Франција… Помалите технологии сè уште постојат во Кина, Бразил, дури и во Иран, но тие не работат на светскиот пазар“, објаснува Уваров.
Американските експерти се загрижени поради можноста Русија со само една одлука да ја запре работата на нуклеарните реактори во САД, бидејќи, како што предупредуваат, тоа може да доведе до затворање на реакторите, што ќе ги зголеми цените на струјата дури и над сегашната инфлација.
Ако Русија воведе ембарго, САД ќе бидат принудени да бараат други добавувачи на пазарот на ураниум, додека Русија лесно ќе најде нови купувачи, бидејќи во многу земји во светот сѐ уште се градат нуклеарни централи.
„Дали Американците можат да најдат замена за рускиот ураниум? Прво, тие можат да се обратат до европските добавувачи со барање да ги зголемат испораките во Америка. Тоа е можно, но според мене Европејците нема да можат целосно да ја затворат таа дупка што може да се создаде“, вели Уваров.
Друга опција, за која постојано се зборува во САД во последните години, е да се создаде сопствен комерцијален производител, додаде експертот.
„Се споменува компанија наречена „Центрус“, но јас не верувам во тоа, бидејќи САД, изненадувачки, никогаш во својата историја немале центрифугално збогатување ураниум. Тие користеа застарена технологија која троши многу енергија, а последната фабрика беше затворена во 2013 година. Американците немаат модерни технологии подготвени за комерцијална употреба, што е изненадувачки. Тие го започнаа процесот на збогатување ураниум, но не можеа да го направат комерцијален“, вели Уваров.
Парадоксално е што група американски републикански сенатори неодамна побараа ембарго за набавка на руски ураниум, кој досега беше изземен од санкции, бидејќи дојде време „засекогаш да се отстрани целата руска енергија од американскиот пазар“, а Парадоксот е сè уште поголем ако се знае дека САД немаат сопствено производство на ураниум и дека се во голема мера зависни од руски збогатен ураниум.
„Тоа навистина може да создаде тешкотии за американските нуклеарни централи, се разбира, не за сите. Во најлош случај тоа е околу 20 проценти, но реално ќе биде помалку. Исто така, не треба да заборавиме дека нуклеарните научници се штедливи луѓе, а нуклеарните компании ширум светот секогаш имаат резерви. Овие резерви овозможуваат растегнување на ситуацијата, во зависност од тоа како се прави и колку се овие резерви. Може да биде околу една година, две, па дури и три години“, објаснува Уваров.
Со други зборови, дури и денес да се прекине снабдувањето со збогатен ураниум од Русија, Американците сепак ќе имаат време – од една до три години да најдат политичко или друго решение.
Затоа, според Уваров, алармантните предупредувања на американските експерти имаат за цел да го свртат вниманието на овој проблем, бидејќи ако Русија воведе ембарго за испорака на руски ураниум, американската програма на перспективни реактори ќе го добие најтешкиот удар.
„Има барање од американскиот Конгрес најдоцна до 2028 година да бидат пуштени во употреба најмалку два нови перспективни реактори со нови технологии. На ова веќе се работи. Изненадувачки, сите ветувачки проекти за реактори ќе работат на високо збогатен ураниум. Тоа збогатување е поголемо отколку кај нуклеарните централи. Потенцијалните реактори бараат ураниум со збогатување од околу 20 проценти. И сега заклучокот – единствениот комерцијален снабдувач на високо збогатен ураниум во светот е Русија! Затоа, ако утре се воведе забраната за испорака на руски збогатен ураниум, било конвенционален или засилен, тогаш американската перспективна реакторска програма ќе биде во опасност целосно да пропадне, бидејќи нема да може да ги гради овие реактори, нема да имаат гориво“, посочува Уваров.
Ќе настрада и Европа
Некои експерти сметаат дека во случај на асиметричен одговор на Русија на западните енергетски санкции, не ќе настрадаат само САД, туку и некои европски земји. На прашањето колку Европа е зависна од рускиот ураниум, Уваров рече дека „ситуацијата со Европа е уште покомплицирана“.
Ние испорачуваме две работи во Европа – збогатен ураниум што се користи во различни нуклеарни централи во Европа и нуклеарно гориво што се користи само во Источна Европа, каде што се наоѓаат советските реактори, имено: Бугарија, Чешка, Словачка, Унгарија, Финска и повеќе Украина, но да не го допираме сега. И овде ситуацијата е двојна. Односно, ако престанеме да испорачуваме збогатен ураниум, Европејците ќе се обидат да го заменат со сопствено производство, но тогаш Америка ќе страда“, објаснува експертот.
Во тој случај Европа ќе биде принудена да ги надомести загубите и нема да може да испорача збогатен ураниум во Америка.
„Ако престанеме да испорачуваме нуклеарно гориво во Европа, што е следен чекор по збогатениот ураниум, тогаш нуклеарните централи од овие пет земји што ги споменав ќе бидат во опасност од затворање. Проблемот делумно може да го реши американската компанија „Вестингхаус“, која може да произведува нуклеарно гориво за советските реактори, но капацитетот на централата е ограничен. Освен тоа, тие сега имаат голем купувач, а тоа е Украина, бидејќи Украина повеќе не сака да купува гориво од Русија“, рече Уваров.
Според него, тоа ќе доведе до создавање конкуренција меѓу потрошувачите на нуклеарно гориво на пазарот и проблемите на земјите од Источна Европа.
„Не знам како ќе бидат рангирани и како ќе докажат која земја е поважна. Во овој случај, загрижен сум за Бугарија, која сигурно ќе биде ставена на последно место, а за нив нуклеарната централа Козлодуј е единствениот извор на струја во земјата. Сè друго е многу поскапо. Тамошната нуклеарна централа е таа што овозможува барем малку воздржување на цените на струјата. Така, тука би се појавиле најтешките проблеми за земјите од Источна Европа“, заклучува експертот.