Русија напредува во источна Украина, ги интензивира воздушните напади

Русија во неделата објави дека нејзините сили напредуваат во источна Украина, при што Киев објави силни воздушни напади и го повика Западот да дозволи повеќе одмазднички напади на руска територија, пренесува AFP.

Москва ги засили воздушните напади во последните седмици, како одговор на ненадејниот упад на украинските единици во пограничната руската област Курск.

Од 6 август Киев ги предводи нападите врз Курск, лоциран спроти градот Суми во источна Украина, надевајќи се дека таму ќе создаде тампон зона за Украина за да го заштити своите погранично области од воздушните напади на Москва. Но, две лица загинаа во нов руски воздушен напад во Суми ноќта кон неделата.

„Вечерва непријателот изврши воздушен напад врз градот Суми. Две лица загинаа, а четворица се ранети, меѓу кои и две деца“, објави во неделата на Telegram воената управа на регионот.

Градоначалникот на Суми, Олексеј Дрозденко, извести за уништени или оштетени куќи и автомобили.

Во руски ракетен напад врз село недалеку од линијата на фронтот во регионот на Доњецк, епицентарот на борбите, загинаа две жени, објави во неделата регионалното обвинителство.

Киев ја започна својата офанзива Курск со надеж дека ќе ја принуди Русија да ги распореди своите трупи кои моментално напредуваат на истокот на земјата. Но, Москва се чини дека ги засилува своите напади таму. Во август таму беа забележани најголемите руски територијални освојувања во последните речиси две години, забележува AFP.

Руската армија во неделата објави дека освоила град во источна Украина и дека напредува кон стратешки важниот Покровск. Руските сили го „ослободија градот Новогродивка“ во областа Доњецк, соопшти руското Министерство за одбрана.

Овој мал град се наоѓа на дваесетина километри од Покровск, важен логистички центар на украинската армија. Покровск веќе неколку недели е мета на руските војници кои се борат против украинските војници, кои се бројно инфериорни и без оружје.