Русија не ја признава надлежноста на Хашкиот трибунал, потсети Кремљ

Русија не ја признава јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд (ICC) во Хаг, изјави во вторникот на редовниот брифинг портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашањето по информацијата за можноста во Трибуналот да се разгледуваат најмалку два предмета против Руси во врска со војната во Украина.

„Ние не ја признаваме надлежноста на овој суд. Така и се однесуваме кон тоа“, рекол Песков кого го цитира агенцијата ТАСС.

Како што истакнал портпаролот на Кремљ, Москва не се заморува со тоа да потсети дека „со текот на годините, ниедна меѓународна судска (институција), дури и оние што не ги признаваме, ниту другите членки на меѓународната заедница не се потрудија да обратат внимание на уништувањето цивилна инфраструктура, на убиствата на цивили од страната на украинските националисти во Донбас“.

Претходно весникот The New York Times објави, повикувајќи се на неименувани официјални претставници, дека Хашкиот трибунал има намера во блиска иднина да покрене два случаи за руски „воени злосторства“ во Украина. Како што прецизира агенцијата Reuters, обвинителот на Трибуналот би требало од предистражен судија да побара да одобри налози за неколку Руси поради преселување украински деца во Русија и гаѓање на цивилна инфраструктура.

Украина и колективниот Запад тврдат дека Русија сторила „злосторства против човечноста“ со гаѓањето на цивилите и цивилната инфраструктура, но Русија тоа категорично го отфрла и потсетува на случаите од времето на украинската граѓанска војна по превратот во Киев во 2014 година.

Меѓународни правни експерти сметаат дека Хашкиот трибунал не може да презема мерки против Руси, затоа што ниту Русија ниту Украина не се потписнички на Римскиот статус кој е правна основа за Меѓународниот кривичен суд во Хаг, откако тоа претходно го сторија и САД. Поради тоа Киев во Обединетите нации повикаа на основање посебен суд, за што не е јасно како би се спровело.

Претходно Константин Косјачјов, заменик на претседателот на горниот дом на рускиот парламент изјави дека Хашкиот трибунал е „инструмент на неоколонијализам во рацете на Западот“, како и дека судот нема надлежност над Русија откако земјата се повлече од овој суд во 2016 година.

Москва, исто така, ги отфрла обвинувањата за наводно присилно преселување на Украинци. Руската страна никогаш не криеше дека илјадници деца од Украина, од областите на коишто е доминантно руското и рускојазичното население се евакуирани во Русија во рамките на хуманитарни акции за да ги заштити сирачињата и напуштените деца од зоната на судирот, кои добиваат сместување, здравствена заштита и образование. Украина, пак, тврди дека илјадници деца се депортирани и се усвојуваат во руски семејства, сместуваат во кампови и сиропиталишта и се воспитуваат да го отфрлат украинското државјанство.

Русија го потпиша учеството во Римскиот статус за Меѓународниот кривичен суд во Хаг на 13-ти јуни 2000 година, но истапи од него на 16-ти ноември 2016 година. АД тогаш изразија „жалење“ поради таквата одлука на Москва да се повлече од Трибуналот, иако самиот Вашингтон тоа го стори 14 години претходно. Тогашниот портпаролот на американскиот Стејт департмент Џон Кирби изјави дека САД сметаат дека тоа е суверена одлука на секоја земја.

Москва тогаш оцени дека Трибуналот не го оправдал надежите кои се полагани во него и дека не станал независно правосудно тело со меѓународен авторитет. Русија, меѓу другото, тогаш образложи дека не може да биде индиферентна кон ставот на Трибуналот од август 2008 година кога режимот на тогашниот грузиски претседател Михаил Саакшвили, кој подоцна по превратот во Киев од 2014-та извршуваше политички функции во Украина, ја нападна автономната кавкаска област Јужна Осетија при што беа убиени руските мировници, а Трибуналот спротивно обвини руски војници и јужноосетиската милиција.